Загина главниот благајник на Албанците во Сирија

На боиштата во Сирија убиен е уште еден Албанец од Балканот.

Станува збор за албанскиот државјанин Шкелзен Думани, припадник на џихадистите на ИД, кој на тамошните боишта бил речиси една година.

Веста ја потврдиле неговите роднини, според кои тој загинал пред два дена.

Шкелзен Думани (39) бил „главниот благајник“ кој им плаќал и го организирал одењето на Албанците во Сирија. Кога тој заминал за Сирија, без согласност на неговата сопруга со себе ги земал и малолетните син и ќерка. Откако ги немало неколку дена таа ги пријавила во полиција и тие сеуште се водат како исчезнати иако тој подоцна телефонски се јавил и потврдил дека се со него.

Албанските власти во средината на март по него и уште неколку други лица распиша меѓународна потерница под обвинение за поттикнување и организирање на мрежата за регрутирање на муслимански верници во Албанија и нивно испраќање во Сирија.

Неофицијално до сега во Сирија и Ирак убиени се шеесеттина Албанци од Балканот, најмногу од Косово од каде и има најголем број џихадисти-Албанци.