Загина сопатник при судар на „пежо“ и „сканија“кај Росоман

Сопатникот загина, а возачот е тешко повреден во сообраќајка кај Росоман.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, синоќа, околу 20.50 часот на автопатот Градско-Прилеп во близина на селото Росоман се случила тешка сообраќајна несреќа која беше фатална за едно лице.

До несреќата дошло кога се судриле автомобил „пежо“ со велешки таблички управуван од 43-годишниот Ј.Н. и камион „сканија“ кој го возел 57-годишниот прилепчанец К.Ц.

Од судирот на лице место загинал 39-годишниот Димче П. од Велес, сопатник во „пежото“, а возачот со тешки телесни повреди е пренесен на скопските клиники.

Возачот на „сканијата“ се здобил со телесни повреди и му била укажана помош во болницата во Кавадарци.

Поради несреќата, сообраќајот на автопатот Градско-Прилеп бил во прекин до полноќ.

Полицијата работи на утврдување на причините за трагедијата.