Загриженоста за Кина ја спушти цената на нафтата под 82 долари

Цените на нафтата се лизнаа под 82 долари на меѓународните пазари во вторникот, бидејќи трговците стравуваат од продлабочување на кризата во кинескиот сектор на недвижности и слабеење на побарувачката на нафта во најголемиот светски потрошувач.

На лондонскиот пазар попладнето цената на барелот за испораките во март беше за 52 центи пониска од вчерашното затворање на трговувањето и изнесуваше 81,88 долари. Во понеделникот тргувањето го затвори со загуба од 1,15 долари. Во Лондон денеска поактивно се тргуваше со барелите за испораки во април, по цена за 50 центи пониска, на 81,33 долари. На американскиот пазар цената на барелот се намали за 29 центи, на 76,49 долари. Вчера го заврши тргувањето со загуба од 1,23 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) засебно објави во вторникот дека барелот од референтната нафтена кошница на нејзините членки во понеделникот поскапел за 1,19 долари на 84,19 долари.

На почетокот од седмицата пазарите ги разбранува одлуката на судот во Хонгконг да го ликвидира презадолжениот кинески гигант за недвижности „Evergrande“. Дури и по повторените наредби, компанијата не доставила план за реструктуирање на долгот, образложи судијката Линда Чан.

Секторот на недвижности го кочи економскиот раст на Кина, со оглед на уделот од 25 отсто во бруто домашниот производ (БДП), па инвеститорите стравуваат од побарувачката на енергетски производи.

„Очекуваните последици од можниот колапс во кинескиот сектор на недвижности ги поништуваат сите владини стимуланси и ќе предизвикаат многу негативни глобални шокови“, вели Џон Еванс, аналитичар во PVM.

Позначителен пад на цените беше запрен со ескалацијата на конфликтот на Блискиот исток. САД најавија дека ќе направат „сѐ што е потребно“ за да ги заштитат своите трупи по нападот со беспилотно летало во Јордан кога загинаа тројца американски војници а ранети беа 40 други. Американскиот претседател Џо Бајден го впери прстот кон „групите поврзани со Иран“, поттикнувајќи ги стравувањата од конфронтација со Техеран.

„Ескалацијата на тензиите меѓу САД и Иран, особено преку директен конфликт, би го зголемила ризикот од негативни последици за иранските испораки на нафта. Иранскиот извоз на нафта е веројатно најранлив на можно построго спроведување на санкциите“, објаснува Вивек Дар од „Commonwealth Bank of Australia“.

Иран извезувал 1,2 до 1,6 милиони барели нафта дневно во поголемиот дел од 2023 година, што е еквивалентно на 1,0 до 1,5 отсто од глобалното снабдување со нафта, додаде Дар.

„Проценуваме дека денешната цена на барелот на лондонскиот пазар од 82 долари е само околу четири долари повисока од пазарната вредност, а два долари (од таа сума) се должат на повисоките транспортни трошоци. Остатокот е составен од премијата за геополитички ризик“, напишаа во белешката за коминнтентите во вторникот од „JP Morgan“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.