Загрижувачки состојби во образованието

Образованието на сите степени е во криза. Во моментов, образовниот систем во Македонија го тресат голем број скандали од обелоденувањето на квазинаучни трудови и препишување, трудови што се целосно плагијати, до непотребни заеми од Светска банка за небулозни, безпредметни и некорисни проекти. Всушност, образовниот систем во Македонија, само ја отсликува македонската политичка стварност. Така, во многу сегменти од образованието, сведоци сме на неспособност, безаконие, неорганизираност, корупција, малверзација, злоупотреба, сервилност, дефетизам, недостиг на контрола, непотизам и задоволување на партиските интереси. Образованието во Македонија е во криза, а деградацијата на образованието е застрашувачка. Но, министрите за образование и наука, како поранешните Дескоска, Адеми, Цароска, сегашниот Шаќири за ваквите образовни состојби во образованието не чувствуваат одговорност.

Последните истражувања од страна на УНИЦЕФ, поткрепени со референци од Светска банка, Европската комисија, ОЕЦД, (Wold Bank(2000), Human Capital Project.. Достапно на https//www.woldbank.org/en/publication/human-capital. Europiean Commission, OCED, UNICEF(2000) Educaation in theWesternBalkans.Достапно наhttps;//www.oecd-ilibrary.org/education/ education-in-the-western-balkans_764847ff-en. UNICEF (2021)Unpublished Analysis…) документ за политики за степенот дали Македонија добро ги искористува ресурсите за образование, односно колку училиштата се по мерка на детето, од истражувањата резимираат дека: „Македонија се соочува со криза во учењето, а постигнувањата на учениците се под просекот на учениците од Западен Балкан, ЕУ и ОЕЦД. Соседните земји постигнале подобри резултати од учењето со малку повисоки нивоа на расходи за образованието… Во моментот 87 отсто од расходите за основно образование се трошат за плати за вработените во училиштата, поради што нема доволно средства за капитални инвестиции, обнова и одржување на објектите во добра состојба, како и инвестирање во професионалниот развој на кадарот“.

Во овој контекст од истражувањата истакнуваат дека: „ако аспирациите на Македонија да ја подобри економската конкурентност и да ја забрза интеграцијата во Европската Унија се од клучна важност за да се постигне посигурна, отпорна, одржлива и просперитетна иднина на граѓаните, постигањето на тие цели во голема мера зависи од градењето на работна сила со високи квалификации и развојот на човечкиот капитал. Сепак, според Индексот за човечки капитал (2020) на Светска банка, која ја проценува продуктивноста на следната генерација на работници, споредбено со одредницата за целосно образование и здравје – едно дете кое денеска е родено во Македонија ќе има продуктивност од 56 отсто од тоа што би можело да го постигне доколку му биде обезбедено квалитетно образование и биде потполно здраво. Тоа е најниската стапка во Европа и е пониска од просекот на земјите со високо среден приход. Висококвалитетното и правично образование е една од најважните области за креирање нови можности и подобрување на квалитетот на живот за денешните и идните генерации. Тука се поставува прашањето: Дали училиштата се соодветни за нивната намена за да се обезбеди сигурен и одржлив социо-економски развој и да се подобри добро состојбата на граѓаните во земјата.

Македонија се сочуваше и се соочува со криза во учењето. Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) покажува поразителни резултати. Во Западен Балкан сме најслаби (во читање, Математика и Природни науки). Поразителна е аналитиката која покажува дека: „По 11 години поминати на училиште, едно дете во Македонија во просек има образовни резултати еднакви на 7,3 години на учење. Тоа е најлош резултат во Европа или со други зборови, децата одат на  училиште 3,7 години кои им се залудно потрошени“.

Во поглед на Мрежата на основните училишта во Македонија констатираат дека е составена од 1.000 училишта, од кои 363 се централни и 637 се подрачни училишта (овие податоци се пред пописот 2021). Намената на подрачните училишта е да се обезбеди образование во подалечните урбани или рурални заедници, тие преставуваат две третини од училишната мрежа и во нив учат 7 отсто од вкупниот број ученици. Или, поконкретно 93 отсто од учениците (171.000) посетуваат настава во 363 централни училишта и 7 отсто од учениците (под 12.800) посетуваат настава во 637 подрачни училишта.

Каква е ситуацијата со училиштата?

Ситуацијата е таква што најголем број училишта држат настава во две смени. Тоа е една од причините зашто учениците во Македонија добиваат помалку часови настава. Од друга страна, тоа ги ограничува ширината и длабочината на наставата и  можностите за дополнителни предмети или дополнителни часови за учениците. Поконкретно кажано, на шестгодишна возраст, првачињата во Македонија имаат едно од најниските нивоа на планирано време за настава (552 часа) меѓу 79 земји што учествуваат на ПИСА. Додека достигнат четиринаесетгодишна возраст, овие ученици ќе имаат околу 900 часа помалку настава од просекот за учениците низ земјите на ОЕЦД. За да се надмине овој предизвик, реформата на основното образование треба да има за цел да се зголеми бројот на часови за настава. Но, за да се зголеми бројот на часови мора да се зголеми времето, училиштата треба да создадат услови за работа во една смена. Со реформата е предвидено и ревидирање и воведување на нови образовни стандарди, вклучително и стандарди за училишна инфраструктура и опрема, како и за пристапност и безбедност. За да се исполнат овие стандарди треба да се приспособи физичката инфраструктура или преку дополнителни инвестиции или пренамена на недоволно искористени згради.

Кога се има во предвид големината на паралелките согласно Законот за основно образование (2019) предвидува дека во секоја паралелка треба да има најмалку 20 ученици. Сепак, од истражувањето се констатира дека „…само 13 општини (16%) го исполнуваат овој услов и над половина се со просечна големина на паралелките од 10-15 ученици. Поконкретно: „.. процентот од општините според просечната големина на паралелката е  11-15 ученици 42%, од 15-20 ученици се 33%, од 21-25 ученици се 14%, од 6-10 ученици се 7%, од 26 ученици се 3%, од 1-5 ученици се 1%“.

Покрај тоа, училиштата со најнизок сооднос на ученик-наставник во земјата, имаат помалку од пет ученици по наставник. Поради демографските промени, во одредени општини недостасуваат наставници, а во други има недоволна искористеност на човечките ресурси. Покрај тоа, 9 отсто од наставниците се пред пензионирање.

Во подеталната анализа на структурата на наставничката работна сила на општинско ниво, исто така, посочува на загрижувачки недостаток на наставници кои се квалификувани да ја исполнат визијата за образовна реформа. На пример, има недостиг од квалификувани наставници за одделенска настава споредбено со наставници за предметна настава. И меѓу наставниците за предметна настава недостасуваат наставници кои се квалификувани за по Математика, Физика или Хемија, во споредба со наставници по предмети од општествени науки. Во училиштата со мајчин јазик различен од македонскиот јазик, дополнителните предизвици посочуваат на потреба од детална анализа на ниво на општини и училишта за да се разбере како треба да се приспособи наставниот кадар, а некои од општините ќе треба да ги прераспределат наставниците на други образовни профили.

Дополнително, проекциите покажуваат дека вкупниот број на ученици и понатаму ќе бележи опаѓање, и ефикасноста на училишната мрежа може да се избалансира преку постепено пензионирање на наставниците, но, сепак ќе биде потребно преструктуирање на ресурсите за да се одговори на диспаритетите на општинско ниво.

Колку се троши за образованието?

Истражувањата укажуваат дека во земјава се троши помалку за образование за разлика од просекот на меѓународно ниво, но и овој процент е во опаѓање. Со 3,7 проценти од БДП во2018 г.(сега е 3,2 проценти) јавното трошење за образованието во Македонија кое најниско во Западен Балкан и многу пониско од просекот од 5,2 проценти од БДП во ОЕЦД или од просекот од 4,9 проценти во 27 земји-членки на ЕУ.

Поаѓајќи од истражувањата направени од релевантни истражувачки меѓународни екипи и институции каде што состојбите за загрижувачки. Владата и министрите  за образование и наука наместо да водат образовна политика, тие се занимаваат со политика во образованието. И истите не чувствуваат потреба од одговорност.

Затоа, на крај би истакнал, да послужи како пример постапката на италијанскиот министер за образование Лоренцо Фјорманоти, кој си поднесува оставка, откако владата на Италија не успеала да издвои повеќе средства за училиштата и факултетите во буџетот за следната 2000 година. Иако не по негова вина, овој нормален министер од МОРАЛНОСТ си поднесува оставка, за разлика од овие наши министри. Како што вели италијанскиот министер во оставка: „Ја прифатив оваа функција само со една цел, а тоа е радикално да ја сменам болната состојба во која со децении се наоѓаат училиштата, факултетите и истражувачките установи. Истакнува дека Владата немала доволно храброст да инвестира адекватни средства во неговиот ресор  доколку трошоците за образованието не бидат зголемени за најмалку три милијарди евра“.

Како што самиот министер истакнува дека: „Во минатогодишниот извештај на Европската комисија за образование, се наведува дека Италија за тој ресурс троши помалку од останатите земји на ЕУ и постигнува  полоши резултати, затоа постои опасност во следниве десет години да остане без еден милион студенти“.

После ова што може да се каже, нашиве министри не само што го немаат тоа чувство на одговорност-МОРАЛНОСТ и грижа за најважниот резурс ОБРАЗОВАНИЕТО, тие се занимаваат со образовен криминал и корупција, а тоа го потврдија на повеќе наврати, незаконски унапредувања во повисоки-наставно научни звања, па завземаат места во образованието, стануваат пратеници. Нашите министри се борат за своите лични интереси.

Состојбата во Македонија е алармантна на сите полиња криминал, корупција, рекети и слично.

Време е за промени во Македонија!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес