Загубена држава

Ако некој пропуштил некоја епизода од оваа тригодишна голгота низ која минува земјава, доволно е да ја чуе онаа скратена лекција на 50-минутно соголување и сета немоќ на оваа власт. Со егзалтирачкото незнање на оној кој треба да ја води владата, со препелкањето кое раѓа чувство на срам поради туѓиот срам, но и со мачнината која ви вели доволно е човеку не продолжувај повеќе, допрено е дното. Но, за жал со СДСМ дното нема крај. Со секој нов ден и нов скандал тие докажуваат дека тоа е бесконечно, слично и на онаа реченица на Ајнштајн кој вели дека разликата помеѓу глупавоста и генијалноста е тоа што ова второво за разлика од првото има крај.

Ќе ја видите онаа забревтана владина машинерија поредена во строј на задоцнета прес конференција да го одбрани неодбранливото, надополнета со оние ретуширани насоки да се ублажи скандалот, да се стави во рамките на некоја глобална анти-Заев завера која неодминливо го запира здивот на светот и сите проблеми кои тој ги има за да се позанимава со Заев и неговите стратешки прашања. Ќе ги чуете и оние владини чиновници како дофрлаат лути погледи на оние новинари кои малку ќе скршнат од сценариото кои заевите советници платени со народни пари го сковале, и ќе постават некое логично прашање на кое деспотот ќе испрати блага насмевка која треба да ја покрие неговата немоќ, како и неговиот страв дека оваа власт забрзано паѓа и чувството на секој еден човек кој си вели доста беше, мора да паднат.

Заев всушност на таа прес конференција немаше ниту еден аргумент, ниту едно логично објаснување. И сега нема да навлегувам во оние технички аспекти како можело да се случи ваков пропуст на кабинетот, или тоа што Заев цела година верувал во заблудата дека разговарал со Порошенко и Столтенберг. Нема да навлегувам во оној утешителен факт со кој владината машинерија сакаше да го ублажи и релативизира скандалот, во тоа дека со ваков пранк Заев се нашол во добро друштво како што е Борис Џонсон, Макрон, па дури и музичарот Елтон Џон. Вистински скандалозно е тоа што со овие разговори се открива карактерот на деспотот, и сета неспособност, но и лепливи прсти присутни во сите сфери на неговото владеење.

Во споредбата со тоа добро елитно друштво на кое премиерот се радува, е разликата што тој таму не припаѓа затоа што тие откриваат дека се работи за местенка во првите 20 минути, а Заев година дена верува дека е пријател со украинскиот претседател Порошенко. Понатаму видовме и како Заев се нуди и секогаш е отворен за „добра бизнис зделка“, па дури и ако приватно му треба на Порошенко. Условите и начинот на бизнис ги видовме на една друга снимка, кај Мирчо Свињарнико, принципот веќе добро разработен. Видовме и дека Заев напреднал, ако ништо друго барем во криминалот. Па, за разлика од оној случај на барање на мито за наводна изградба на црква во Струмица, каде политизираното судство го ослободи, сега се усовршува и оди десет чекори понапред, па мисли и дека може да го подмити Вартоломеј, кој е водач на стотици милиони православни верници.

Одекнуваат оние зборови од снимката со божемниот Порошенко, каде Заев од прва прифаќа подмитување „да да, тоа е нормална работа, во кеш секако“, ќе рече Заев. И одбраната за ова е дека Заев бил непоправлив филантроп кој донирал многу, како што е во случајот со црквата во Струмица. И навистина тоа е проблемот, што Заев навистина работи како случајот евро за евро. Настрана помислата дека може да се купи автокефалноста на МПЦ-ОА и навредата за Вартоломеј, загрижувачка е леснотијата со која се впушта во подмитување. Имаме премиер кој за 5 секунди обезбедува „донации“ под рака од 100 илјади евра и се впушта во тоа како да се 100 денари. Ова покажува дека секојдневието му е такво.

Да не говорам што загрозува стратешки пријателства, и поседува страшна наивност која е загрижувачка. Тоа може и синтетизирано да се види во неколку реченици кога божемниот Порошенко ќе му пренесе поздрави од наводен разговор со Вес Мичел, а овој за возрат воодушевено ќе му го даде телефонскиот број од Мичел без двоумење.

И можеме само да го замислиме секојдневието на несудениот нобеловец премиер, или пак можеби ја добил наградата, а ние сѐ уште не знаеме, а ќе дознаеме во некој нов пранк.

Веројатно премиерот од удобната фотелја од Илинденска, опкружен со десетина обожаватели, кои како стихотворба во прво одделение му повторуваат дека е најдобар, беспрекорно паметен и она нивното дека зборот важи, смета дека до толку е нормална ситуацијата во земјата, и сѐ е решено, па на дневен ред дојде да пише статус за Ѓоковиќ, патем не заборавајќи да го корегира со она новото име на земјава, зошто и Ноле, според премиерот, згрешил ословувајќи не со она што сме – Македонија.

И веројатно осилен, мислејќи дека се дотолку средени работите, што блескаме во секое поле, не гледа дека државата е потопена во криминал и сиромаштија. Практично станавме земја каде се закажуваат секојдневно термини за да се објавуваат скандали и афери. Скоро и да нема првенец во власта кој не е посипан со неколку афери, матни тендери или криминални зделки. Афери колку сакате, ама правда никаде. Обвинителството исто како и судството имаат подеднаква вина во негувањето на криминалот на власта. Па така има јавно признание од премиерот дека градоначалничка добила понуда за спорна пренамена на земјиште. Поминаа недели, обвинителството не ја има ниту прашано градоначалничката да каже еве кои се тие луѓе кои ѝ барале незаконска пренамена на земјиште. Советник од Министерството за финансии кажа дека имало криминални тендери, за да потоа во втора изјава каже дека тоа е еден вицепремиер. Го викна ли некој екс-советников да каже кои се тие криминални тендери и на што ги должат ваквите тврдења?

Но криминалот е едно а менаџирањето со стравот е друга категорија. Па така главна тема станаа бизнис шемите на Кики, Коки и Фрки, ама новинарите можеби со право се плашат да пишуваат со реални имиња, зошто сатарот на власта може да проработи, а овие бели мечки од власта мора да останат недопрени, барем додека тие се на власт, за после, после друга приказна.

Но, за разлика од Заев, јас мислам дека рибата мириса од главата и изворот на таквиот криминал е токму од врвот. Заев стана единица мерка за криминал. Но едно е сигурно дека Заев неповратно ја фати удолницата од која нема враќање. Поразот е неминовен. На тој пад без враќање има само две непознати. Првата е за колку месеци ќе следи падот, а втората колкава ќе биде штетета која ќе ја направи до крајот. Меша Селимовиќ вели човек се навикнува на секоја смрдеа, ама не секоја е поднослива.

Овдешнава е таква, неподнослива, заразна, окупирачка, нахална, што секој здрав организам го повикува на отпор кој неминовно ќе донесе победа, а изгубената држава ќе биде вратена на народот. А после таа победа ширачите на реата, и оние свесните кои се дел од истиот апарат и прашуваат што потоа, ќе кажам дека нашиот народ вели тоа што си сеел тоа ќе жнееш.