Захариев: Во следните 4 години уште поголем интензивен развој на градот и останатите населени места во Штип

Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Штип, Илчо Захариев, соопшти дека привршува изградбата на обиколницата од населбата Сењак до булеварот „Гоце Делчев“.

 

„Жителите на населбите ‘Баби’, ‘Сењак’, ‘Дузлак’ ќе се возат по оваа обиколница кон индустрсиката зона и обратно, ќе се патува побрзо, ќе се штеди и ќе го растовариме комплетно сообраќајот во населбата ‘8-ми Ноември’“, рече Захариев денеска на прес-конференција.

Истакна дека напролет продолжува изградбата на обиколницата од населбата Пребег до градската бања „Кежовица“ со што Штип ќе добие современ спа-центар, но и ќе има нов влез и излез кон регионалните патни правци кон Радовиш и Струмица.

„Имаме уште едно одлично решение – поврзување на населбата ‘Балканска’ со населбата ‘Баби’, каде ќе се изгради нов мост на реката Брегалница. Тоа ќе значи целосно и дополнително растоварување на сообраќајот и олеснување на животот на жителите од населбите ‘Баби’ и ‘Балканска’“, напомена Захариев.

Според него, во наредните четири години претстои уште поголем интензивен развој на градот и на останатите населени места во Штип.