Захариев: За шест месеци завршивме над 140 проекти

За само шест месеци завршивме над 140 проекти кои донесоа бенефит на граѓаните во градот, но и во селата, вели градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев на денешната прес конференција на која даваше отчет за својата работа.

„Завршивме проекти кои се од големо значење за сите жители на Штип. Во делот на патната инфраструктура, со поддршка на Владата и на ЈП за Државни патишта го направивме патот до Мантова. Тоа е езеро кое се наоѓа на 20 километри од Штип, патот е долг некаде околу 5 километри. Го завршивме патот од селото Три чешми до аеродромот Сушево. Го завршивме булеварот Гоце Делчев и Димитар Влахов во должина од 2 километри. Ги завршивме двата крака кон селото Љуботен во должина од два километри. Завршивме десетина улици во нашиот град, меѓу кои, Михајло Апостолски, Браќа Миладиновци, главната улица према Исарот, улица Косовска, голем број на мали улици во населбата Три Чешми, во населбата Баби, во централното градско подрачје. Направивме голем број на тротоари и патеки кои треба да им го олеснат животот на луѓето во сите населби“, рече Захариев.

Во делот на образованието, истакнува штипскиот градоначалник, инвестиравме многу и тоа со несебична поддршка на Министерството за образование и наука.

Комплетно го реконструиравме училиштето во населбата Македонка кое е старо повеќе од 50 години. Децата добија модерно училиште, идеални услови за школување, а наставниците одлични услови за одржување на наставниот процес. Направивме сосема ново училиште во село Шашаварлија, а инвестиравме доста и во училниците и во основното училиште Славејко Арсов, како и во другите училишта во градот.

Морам да истакнам дека посебно инвестиравме во нови водоводи и канализации, рече Захариев.

„Посебно морам да нагласам дека нема населба во Штип во која во овој момент не се инвестира, не се гради. Ние не застануваме затоа што иако програмата ни беше доста амбициозна, ние покажавме дека со самопрегорност, со посветеност и работливост и со минимални средства можеме да направиме многу за граѓаните на Штип“, вели Захариев.

Тој истакна дека во наредниот период се очекува реализација на големи проекти.