Захариева со нови теории: Бугарија ја блокира С Македонија поради говорот на омраза

Бугарија го блокира почетокот на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија (ЕУ) сè додека не се напушти говорот на омраза кон сè што е бугарско, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, во интервју за „Ефе“, пренесува БГНЕС.

„Проблемот со историјата е во тоа што погрешните и лажни толкувања на настаните и луѓето имаат директно влијание врз актуелните случувања и тоа создава говор на омраза и негативна кампања против Бугарија и Бугарите, што за нас е апсолутно неприфатливо“, смета Захариева.

Таа во интервјуто порача дека С Македонија ги потрошила 30-те години независност за да го стимулира тој говор на омраза, што на крајот се одразило врз обичните граѓани во земјата.

Во интервјуто, уште еднаш повторила дека Бугарија никогаш не го негирала правото на постоење македонска држава, ниту нејзиниот суверенитет и желба да го нарекува јазикот како што сака, но сето тоа, нагласила, не треба да биде врз основа на лаги и негирања за начинот на кој е создадена нацијата.

Според Захариева, односите помеѓу двете земји треба да бидат како односите што денес ги имаат Шпанија и земјите од Латинска Америка.

„Земам пример од Латинска Америка. Фактот дека Аргентинците и Чилеанците зборуваат шпански јазик не ги прави помалку Аргентинци и Чилеанци. Фактот дека во еден момент тие имаат заедничка историја не го намалува нивниот суверенитет денес. Напротив, тоа ги приближува“, вели Захариева.

Таа во интервјуто го поистоветува односот на Шпанија кон овие земји, со односот на Бугарија кон Северна Македонија. Во таа насока посочува дека исто како што Шпанија е најголем поддржувач на тоа ЕУ да биде поблиска до земјите од Латинска Америка, така Бугарија е првата земја што ја признала независноста на Македонија во 1991 г., а во 2018 г. ја ставила на дневен ред во ЕУ, европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Захариева во интервјуто уште еднаш ја критикува нашата земја дека престанала да го спроведува Договорот за добрососедство и пријателство и тоа што работата на историската комисија заглавила околу прашањата за борбата против османлиската окупација на крајот од 19. век.

„Република Северна Македонија има солидно искуство во непочитувањето на билатералните договори“, вели Захариева.

Според неа, спроведувањето на договорот престанало откако земјата влегла во НАТО.

Бугарската министерка во интервјуто зборувала и оти Бугарија има загриженост дека земјава има територијални претензии кон нив, како и за тврдењата дека таму постои македонско малцинство.

„Ова е уште еден обид за нарушување на историјата, тоа создава основа за иредентизам. И земјите како Шпанија, на пример, се свесни за опасноста од иредентизмот“, вели Захариева.

На прашањето, пак, дали европските партнери ја разбираат бугарската позиција, министерката одговорила дека и Грција не била разбрана, па 15 години го задржала своето вето кон Северна Македонија.