Захарова: Западот прави сѐ да спречи стручњаците на IAEA да дојдат во нуклеарката во Запорожје

Русија се „мачи“ да овозможи стручњаците на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) да дојдат во нуклеарната централа во Запорожје, меѓутоа Западот прави сѐ за да не се случи тоа, изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова.„Се залагаме да можат стручњаците, претставници на IAEA, да стигнат до нуклеарната централа Запорожје. И тие го сакаат тоа. И IAEA како структура веќе долго време е подготвена да го направи тоа. Но целата ткн Западна заедница, се разбира, заедно со режимот во Киев, прават сѐ за да го спречат тоа“, изјави Захарова во програмата на руската телевизија.

Се осврна и претходно одржаната седница на Советот за безбедност при Обединетите нации, на барање на Русија, и настапот на украинската делегација во таа пригода.

„Тие рекоа дека руските војници во близина (на нуклеарката) небаре пукале самите врз себе. Се договориме дека никој нема да ги коментира тие наводи… Тоа е многу блиску до она што се нарекува нуклеарен тероризам, кога се изведуваат воени операции крај нуклеарна централа, која е активна“, додаде Захарова.

Според портпаролката на руската дипломатија, сугерираше дека, веројатно, Украина ја гранатира нуклеарната централа во Запорожје поради нивната зададена цел „да се истребат себеси како заедница“.

Нуклеарната централа во Запорожје се наоѓа на левиот брег на реката Дњепар во близината на градот Енергодар. Станува збор за најголемата нуклеарна централа во Европа и една од најголемите во светот, според бројот на блокови и инсталираната можност, со инсталирани шест енергетски единици.

Украина ја обвинува Русија дека наводно од таа област ги гаѓала украинските градови знаејќи дека украинските сили не можат да одговорат. Киев, дури, тврди дека руските сили самите ја гранатирале областа околу нуклеарката. Москва, чиишто сили ја контролираат нуклеарната централа а во која работи сѐ уште украински персонал од самиот почеток на нејзината инвазија, го обвини Киев дека со гранатирање сака да предизвика катастрофа со којашто всушност Украина ѝ се заканува на Европа.

Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) на специјалната седмица во Советот за безбедност при Обединетите нации свикана по барање на Русија и посветена на ситуацијата со нуклеарката во Запорожје, објави дека во моментов нуклеарната централа во Запорожје во моментов не претставува безбедносен ризик и покрај континуираното гранатирање. Експертите на агенцијата дале прелиминарна процена дека „нема непосредна закана“ за безбедноста на централата поради гранатирања или друго воено дејствување, изјави челникот на IAEA, Рафаел Гроси на седницата на Советот за безбедност при Обединетите нации во четвртокот по локално време во Њујорк.

„Меѓутоа, тоа би можело да биде променето во кој и да е момент“, предупреди Гроси и ги повика Москва и Киев да им овозможат на меѓународните експерти пристап до постројките што е побрзо можно.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, повика на демилитаризација на областа околу нуклеарката, а Киев бара да се повлече руската војска од Запорожје и да му биде предадена контролата над нуклеарката. И групата земји Г7 водена од САД повика Русија да ѝ ја врати таа територија на Украина.

Претседателот на комисијата за меѓународни односи на руската Дума, Леонид Слутцки, порача дека идејата за враќање на нуклеарката на Украина претставува „смејурија дури и од аспект на безбедноста“.

„А сите изјави на министрите за надворешни работи од Г7 во прилог на нивните барања не се ништо друго туку спонзорирање на нуклеарниот тероризам“, додаде Слутцки во изјавата на Telegram.

Киев во петокот објави дека комплексот бил наводно пет пати погоден во четвртокот, вклучително и просторот близу складиштата со радиоактивен материјал. Привремените проруски власти во блискиот град Енергодар, од своја страна пак, објавија дека војската на Украина двапати ја гранатирала централата.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.