Зајакната сообраќајна контрола, казнети вкупно 732 возачи

Во рамки на зајакнатата сообраќајна контрола во повеќе градови низ земјава се санкционирани вкупно 732 возачи.

Од превземените мерки и активности на сообраќајната полиција во Скопје, кај 44 возачи е утврдено дека возеле под дејство на алкохол, потоа 32 лица управувале возила со измината важност на сообраќајната дозвола, без возачка возеле 26 возачи, а 16 лица поминале на црвено светло. Исто така, 30 возачи возеле со брзина над дозволената, 21 возач управувал возило со над 90 км на час во населено место, а изречени се и пет прекршока за некористење на сигурносен појас, 21 прекршок за зборување на мобилен телефон, потоа 10 прекршоци за паркирање во зона на крстосница, автобуска станица и пешачки премин, и уште 93 прекршоци за неправилно и непрописно паркирање. Покрај ова изречени се и прекршоци за недавање на првенство на минување на пешаци за четири возачи, за непрописно престројување изречен е еден прекршок, за прекршоци што ги чинат пешаците изречени се вкупно 16 прекршоци додека пак со пајак службата подигнати се вкупно 92 возила.

На територијата на градовите Велес и Неготино четири лица возеле под дејство на алкохол, две лица се движеле со поголема брзина од дозволената, а уште три други лица се санкционирани за прекршоци во сообраќајот.

Во Охрид, Струга, Кичево и Дебар е утврдено дека 34 лица возеле со брзна поголема од дозволената, 12 учесници се писмено предупредени, 11 возачи се усно предупредени,  а со контролите биле опфатени 74 возила и 3 мопеди и моторцикли. Исто така извршени се две алкотестирања, еден  преглед на превозно средство и багаж, одземени се две возачки дозволи поради возење под дејство на алкохол, а издадени се два платни налози, две покани за сообраќајна поука. Покрај ова три возила  се исклучени поради истечена регистрација, а двајца возачи возеле без возачка дозвола. Пајакот подигнал шест возила и издадени се 22 платни налози и 35 покани за глоба на возачи.

Во Штип контролирани се вкупно 1.161 возила и возачи, при што  изречени се 105 прекршочни казни за возење со брзина поголема од дозволената и 29 прекршочни казни за возење под дејство на алкохол.

Секторите за внатрешни работи и понатаму ќе продолжат со зајакнати сообраќајни контроли по однос на прекршоци кои доведуваат до сообраќајни незгоди и апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи со цел да се намалат сообраќајните незгоди.