Закана од Техеран: Ниту една израелска амбасада не е безбедна

Советникот на иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи предупреди дека сите израелски дипломатски претставништва во светот би можеле да станат цели на одмазднички напади како одговор на бомбардирањето на иранската амбасада во Сирија, за што се обвинува Израел.

„Фронтот на (анти-израелскиот) отпор е подготвен за сите можни сценарија на одмазда. Ниту една израелска амбасада во светот не е безбедна од таква одмазда“, рече во неделата генералот Јахја Рахим Сафави, поранешен командант на елитните воени сили на Иран пренесе државната телевизија Al -Alam.

Двајца генерали и пет офицери на Корпусот на иранската револуционерна гарда (IRGC) беа убиени минатиот понеделник во воздушен удар врз депанданст во комплексот на иранската амбасада во сирискиот главен град Дамаск.

Иранското раководство веднаш го обвини својот најголем непријател, Израел, за нападот и се закани со одмазда.

Израелската армија не ја презеде одговорноста за нападот, но тврди дека комплексот не бил зграда на амбасада. Тоа би значело директен напд врз теротираија на Иран, бидејќи дипломатските мисии уживаат екстериторијален статус во земјата домаќин.

Сафави, висок помошник и советник на Хамнеи, беше командант на IRCG од 1997 до 2007 година. И покрај тоа што има мало политичко влијание во земјата, неговите антиизраелски изјави редовно се пренесуваат и цитираат од конзервативните медиуми во Иран.

Аналитичарите во Иран сметаат дека е малку веројатен ирански напад врз израелските амбасади.

И владата на претседателот Ебрахим Раиси се огради од таквата закана. Но, набљудувачите веруваат дека се можни ирански напади врз израелски или американски позиции и објекти преку проирански групи во Либан, Јемен, Сирија или Ирак.