Закани по животот на градоначалникот на Арачиново

Полицијата уапсила 69 годишен маж од селото Арачиново откако претходно добила пријава од градоначалникот на општината, Ридван Ибраими.

Тој вчера пријавил во СВР Скопје дека, додека тој не бил присутен во општинската зграда, Р.А. пред други присутни лица упатувал закани по животот на градоначалникот, а во врска со предмет за доделување на користење на земјиште.

По документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „Загрозување на сигурноста”.

„Во вторникот во 14:37 часот, лицето со иницијали Р.И., градоначалник на Арачиново, пријави во СВР Скопје дека додека не бил присутен во зградата на општината, лицето Р.А. пред останатите присутни упатувало закани по живот на градоначалникот, бидејќи не бил задоволен од работата на општината по однос на предмет во кој лицето било странка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, наведуваат од МВР.

Ова не е прв обид за напад врз градоначалникот на Арачиново, Ридван Ибраими. Се дознава дека станува збор за истата група која пред неколку месеци го нападна во зградата на општината.