Закани со дојави за бомби добија судови во Сплит, Осиек, Карловац…

Повеќе дојави за подметнати бомби, телефонски или по електронска пошта, примиле деновиве неколку судски институции во Хрватска, јавуваат хрватските медиуми.

Денеска, околу 10 часот и 50 минути е добиена информација за анонимна дојава за наводно поставена експлозивна направа во зградата на Жупанискиот суд во Сплит, која се наоѓа на улицата Гундулиќева. На местото на настанот се испратени полициски службеници за заштита од експлозиви за да ја потврдат веродостојноста на пријавата. Зградата беше евакуирана и сите тековни активности беа прекинати. По извршениот преглед, полицијата утврдила дека пријавата е лажна, јави хрватската редакција на Н1.

Портпаролот на судот за Н1 изјави дека пријавата била телефонски, а со оглед на тоа дека е време за пауза, повеќето луѓе биле надвор од зградата.

По онаа во Сплит, анонимни пријави за поставената бомба во четвртокот добија жупанискиот суд Осиек и Жупанискиот суд во Карловац, кои ја делат зградата со општинското и жупаниското обвинителство, а полицијата при увидот не нашла ништо.

Судот во Осиек извести дека по дојава дошле полицајци со кучиња трагачи и ги пребарале просториите на судот и надворешноста на зградата. При увидот во просториите ништо не е пронајдено, па судот продолжува нормално да работи, изјави за Хина портпаролот на судот Давор Митровиќ.

Поради дојава за бомба, во попладневните часови беше евакуирана и палатата на правдата во Карловац, каде што работат жупаниските и општинските судови и општинското и окружното правобранителство.