Закани за бомби досега не добило ниту едно приватно училиште

Од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека заклучно денес, нема пристигнато ниту една пријава за дојава за бомба во приватно училиште во Македонија. За ова денеска коментираше и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

И јас се прашувам неколку пати зошто само во државните училишта. Не сакам да кажам да има дојави за бомби и во приватните училишта, туку би сакал да кажам да нема дојави и во државните училишта, рече тој одговарајќи на новинарски прашања.

Во јавноста се коментира дека досега немало закана ни во училишта каде има доминантно албански ученици, но од МВР тврдат дека ова не е точно.

Пријави за поставени бомби пристигнуваат во многу училишта без разлика на јазикот на кој се одржува наставата, велат за „Република“ оттаму.

Сепак, на прашањата во кои училишта досега пристигнала по барем една дојава и кои се училиштата во Скопје кои досега не биле под закани, не добивме одговор.

Од МВР велат само дека од 19.10.2022 до 27.02.2023 за вкупно 765 локации добиле пријави за закани за поставени бомби, од кои повеќето се во училишта, а дел се во државни институции, трговски центри и други објекти.

Самите истраги се исклучително комплексни, поврзани со меѓународна размена на информации и поддршка како и со барања за мeѓународна правна помош. Притоа, вклучени се сите институции во државата од безбедносниот сектор, како и од земјите членки на ЕУ и НАТО, Интерпол, Европол, сите партнерски организации и со сите расположливи капацитети се преземаат мерки за расчистување на случаите. По добиената пријава, полициските службеници во најкраток можен рок пристигнуваат на пријавената локација. Времетраењето на проверките зависи од големината и комплексноста на објектот кој се проверува, како и од други фактори. Кога има пријави од повеќе училишта во исто време, се врши безбедносна проценка и согласно тоа се изготвува план по кој редослед ќе се вршат проверките. По добиено известување дека постои пријава за поставена експлозивна направа, веднаш се врши евакуација на објектите, се обезбедува безбедносен периметар, се настапува со проверка на блиската околина на објектите, проверка со користење на службени кучиња специјализирани за откривање на експлозиви на околината и на внатрешноста на објектите. Сите понатамошни постапки се спроведуваат согласно утврден протокол за Антитерористичка проверка, смируваат од МВР.