Заканите на ИВЗ за изборите го турнаа СДСМ на колена

Владата денеска, за првпат одлучи да не ја прифати препораката на Комисијата за заразни болести, која, со оглед на големиот број на новозаболени лица од Ковид 19 препорача забрана за движење од сабота од 19 часот до вторник до 5 часот.

Со оглед на тоа што за одлуката дали оваа мерка на Комисијата ќе добие зелено светло, Владата размислуваше два дена, а, во меѓувреме доби и јавна реакција од ИВЗ дека ниту ќе затвора џамии, ниту ќе откажува молитви, со „дискретно“ потсетување дека се ближат избори, донесеното решение е повеќе од очекувано.

Исламската верска заедница писмено ги информа Владата и Комисијата за заразни болести дека нема да почитува евентуален полициски час за време на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам. Во писмото информираше дека ниту ќе ги затвори џамиите, ниту ќе се откаже од молитвите.

Реисот Сулејман Реџепи, пак, јасно порача  дека „евентуален полициски час ќе значи губење на довербата во компетентните органи на сите верници од муслиманска вероисповед“.

„Ако се воведе полициски час за целиот викенд, тогаш вие, како компетентни органи, ќе ја загубите довербата кај сите верници од исламската вероисповед. Имајќи предвид дека нашата земја се наоѓа пред одржување на парламентарни избори, ние како верска институција постоиме за да им служиме на верниците и нема да носиме товар на грб за откажување на намазот на Фитер Бајрам во џамија. Ви гарантираме дека во текот на намазот, ќе ги почитуваме сите препораки кои се имплементират и при извршување на дневните намази за кои досега не сме добиле никаква забелешка од ваша страна“ напиша Реџепи на Фејсбук.

И, веднаш по лавината реакции од албанското гласачко тело, генерално упатени кон лидерот на СДСМ, Зоран Заев, препораката почна да се разгледува од полититчки наместо од здравствен агол и се одлучи веројатно за некој компромис, секако, во името на изборните математики. Сега граѓаните нема да можат да се движат од недела во 11 часот до вторник до 5 часот. А, апсурдот да биде поголем, веднаш после карантинот, власта најави отворање на кафулињата и рестораните.

И за жал, сега веќе полититчките манипулации во однос на здравствените мерки за коронавирусот, стануваат премногу очигледни.

ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека е престрога мерката за целосен полициски час и за празникот Велигден и сега за празникот Бајрам. Со повеќедневниот полициски час, според опозицијата се нарушуваат човековите слободи и права, а со ваквите мерки, СДСМ свесно влегува во провоцирање на тензии и конфликти меѓу населението и ја изложува полицијата во непосакувана улога.

За време на велигденските празници граѓаните беа ставени во карантин непрекинато 85 часа. Од петок 17 април во 16 часот, до вторник 21 април во 5 часот изутрина. Повиците за богослужба за Велигден беа дочекани со лавина негативни коментари, што не беше случај за заканите на ИВЗ дека верниците нема да го почитуваат полицискиот час.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.