Заклетва

„Се колнам дека ќе ги бранам слободата, сувереноста, самостојноста и територијалниот интегритет на Република Македонија. Дисциплинирано, совесно и одговорно ќе ги извршувам обврските и должностите како бранител на мојата татковина Република Македонија и ќе се борам за нејзината слобода и чест“.

За оние кои не можат да ги препознаат овие неколку редa текст, сакам да појаснам дека ова е заклетвата која ја полагаат воениот и цивилниот персонал, при стапување на служба во Армијата на Република Македонија. Заклетвата се дава усно, а потоа и писмено се потпишува. Јас лично, овие зборови при здрав разум, со полно срце и со неизмерна гордост ги кажав во 2002 година, како штотуку примен питомец на Воената Академија „Генерал Михаило Апостолски“. Заедно, во истиот момент, рамо до рамо со мене, истата заклетва ја дадоа уште повеќе од 80 храбри јунаци. Тој ден ќе остане запаметен во мојот живот како еден од највпечатливите и најгордите, затоа што со крајот на окото ги забележав и моите родители и остатокот од семејството, дека и нивните лица се озарени од гордост и почит. Сигурен сум, дека во изминативе повеќе од 25 години, сите војници и питомци кои ја дале оваа заклетва, се почувствувале слично, и биле неизмерно горди и исполнети.

Потсетувајќи се на овој ден во моите мисли, ме обзема огромно чуство на гордост, но морам да признаам и дека последниве неколку месеци, таа гордост се’ повеќе се меша со едно горчливо чуство на немир и непокор. Како што вели заклетвата во еден свој дел, каде што се споменува честа, не можам да останам мирен на помислата дека и мојот личен даден збор, а и честа на мојата татковина ќе ја снема. Ќе ја снема исто како што ја снема честа на премиерот Заев, во моментот кога сфати дека ќе биде обесчестен бидејќи веќе нема да биде премиер на Република Македонија, туку на некоја друга, Северна Македонија.

Па, сакам да го прашам премиерот Заев, зошто мораше да не’ обесчести и нас, кои се заколнавме дека ќе бидеме бранители на нашата татковина, Република Македонија?

И уште едно нешто не ми е јасно и сакам да прашам. Дали ќе не’ ослободите од заклетвата, господине Заев, и дали ќе треба повторно да ја кажеме, повторно да се заколнеме, но овојпат за државата која наново ја формирате? Додуша, ме мачи уште едно прашање, многу поболно од претходното. Еве, ние ќе бидеме ослободени од заклетвата, господине Заев, и ќе се ослободиме од обврската и должноста да ја браниме нашата татковина, но како ќе ги ослободите од заклетвата оние кои во 2001 го дадоа својот живот за одбраната на својата татковина, Република Македонија? Како ќе им пренесете на оние кои на своите униформи го носеа знамето на РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА и непоколебливо ја исполнуваа својата заклетва до својот последен здив? Тешки се овие прашања, господине Заев, многу тешки, и знам дека нема да ги одговорите. Но, размислете за нив и ако можете одговорете си ги самиот на себе.

И за крај, ќе завршам со последниот дел од заклетвата …„ќе ги извршувам обврските и должностите како бранител на мојата татковина Република Македонија и ќе се борам за нејзината слобода и чест“.

Да живее Република Македонија!

Автор: Александар Нацев

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.