Законите од Договорот во Пржино денес пред пратениците

Законите кои произлегуваат од договорот во Пржино што беа договорени на последната лидерска средба во Клубот на пратениците денеска ќе се најдат пред пратениците.

Во рамки на 75. Седница што е закажана за 15 часот, Собранието ќе расправа за законите од Договорот во Пржино

Кабинетот на претседателот на Собранието соопшти дека ова било договорено на денешната координативна средба на првиот парламентарец Трајко Велјаноски со потпретседателите и координаторите на пратеничките групи.

Според информацијата, на 75. пленарна седница на Собранието ќе се најдат следните точки: Одлука за Анкетна комисија за скандалот со прислушкувањето; Предлог-закон за изменување и дополнување на Изборниот законик; Предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик; Предлог-закон за заштита на приватноста, Предлог-закон за заштита на укажувачи и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Влада.

Се очекува законите да бидат поднесени од група пратеници и по скратена постапка.

Засега нема информација кога ќе се одржи седницата за избор на министри и заменици-министри, но се очекува тоа да се случи откако ќе бидат изгласани измените на Законот за Влада.