Законите важат за сите подеднакво… освен за Павле Богоевски

Очекуваме сите надлежни и засегнати институции да постапат и да го разрешат случајот, особено и околу неовластеното снимање и емитување. Што се однесува до моралните аспекти, тие се на личната совест и одговорност на секој пратеник. Законите важат за сите подеднакво – вели Коста Костадинов, портпарол на СДСМ, објави Плусинфо.

Но, Костадинов го премолчува фактот дека пратеникот од нивните редови, Павле Богоевски, јавно призна дека сторил кривично дело, но и си најави дека и во иднина ќе продолжи да го прекршува законот.

Богоевски во статус на социјалната мрежа напиша:

Би сакал да расчистам неколку работи:

Дали тоа е мојот глас на снимката?

Да.

Дали разговарам за супстанца чиј промет е забранет?

Да.

Но, во овој разговор не нарачувам кокаин. Договарам набавка на масло од канабис. За медицинска употреба, за моја многу блиска личност на која маслото од канабис и’ помогна таму каде другите лекови не можеа да и’ помогнат. Тоа го правам веќе неколку месеци и ќе го правам се’ додека е потребно.

Од друга страна СДСМ акцентот во овој скандал го става на снимениот материјал, и велат дека очекуваат надлежните институции да го разоткријат случајот со незаконското снимање, но и емитување на снимката, што исто така е кривично дело.

Реакција за признанието на пратеникот на СДСМ, Павле Богоевски, дека сторил и дека и понатаму ќе прави кривично дела нема ниту од Основното јавно обвинителство Скопје.

На барање на НетПрес, оттаму ја добивме следната информација:

Основното јавно обвинителство Скопје го очекува известувањето од Министерството за внатрешни работи во врска со наводите кои ги пријавил пратеникот во полициска станица, со пропратна документација. По приемот на ова известување, ќе бидат направени сите проверки согласно Законот за кривична постапка. Околу снимката од разговорот која беше објавена на една социјална мрежа, по напатствија на Основното јавно обвинителство Скопје, Министерството за внатрешни работи како овластен орган за откривање на сторителите на кривични дела продолжува да презема мерки и активности заради утврдување на идентитетот на сопственикот на наведениот профил на кој беа објавени снимките. Откако идентитетот ќе биде утврден и ќе бидат обезбедени релевантни докази, Министерството за внатрешни работи ќе го извести Јавното обвинителство за да преземе кривичен прогон. Околу содржината на снимениот разговор исто така ќе бидат направени проверки за да се утврди дали постојат елементи на сторено кривично дело.

За потсетување, во петокот попладне во Куманово беше уапсена девојка, кај која полицајци пронашле 5 грама марихуана.

Пред една недела, МВР соопошти дека во полициска акција уапсени биле менаџери на ресторани, адвокати, директори и банкари кои купувале кокаин.

Оттука се отвора прашањето дали можеби власта на СДСМ подготвува терен за нивниот пратеник Павле Богоевски да помине неказнето, иако самиот призна дека сторил кривично дело, со тоа што набавувал супстанца чиј промет е забранет и најавува дека тоа ќе го прави и во иднина?

Во Македонија сѐ уште не е легализирана употребата на марихуаната за рекреативни цели, но маслото од канабис кое се користи за медицински цели може легално да се набави во аптеките. Се продава преку рецепт и е наменето за пациенти со малигни заболувања. Според законските одредби од 2106 година, маслото од канабис го препишуваат невролози, инфектолози, радиолози и онколози, со цел да се намали болката кај пациенти со епилепсија, ХИВ, со мултиплекс склероза, како и кај малигно болните.