Законите за образование пред пратениците, две недели пред почетокот на учебната година

Измените на законите за основно и средно образование утре ќе се најдат на пленарна седница пред пратениците. Претседателот на Собранието, Талат Џафери закажа пленарна седница, но се уште нема термин за одржување на собраниската Комисија за образование, која треба да се изјасни за предлозите на Владата. Од Собранието велат дека пратениците денеска мора да се организираат и да ја одржат седницата пред утрешната пленарка. До најавениот почеток на учебната година во основните и средните училишта остануваат помалку од две недели, а со овие законски текстови треба да се уреди одвивањето на наставата во услови на пандемија односно одвивање на настава онлјан, со физичко присуство и комбинирано.

Со овие измени Владата предлага во услови на вонредни околности учебната година да може да започне и да заврши во различно време и за тоа одлука на може да носи извршната власт. Меѓу измените е и можноста учебната година да се скрати за 3 месеци, односно наместо 180, бројот на наставни денови да може да се спушти на 100.

Стартот на учебната година е закажан за 1 октомври. Учениците до 3 одделение во согласност со изборот на нивните родители ќе можат да посетуваат онлајн или настава со физичко присуство, а за останатите настава во училиштата ќе има само онаму каде што тоа ќе го дозволат условите. Сите други ученици ќе учат онлајн на платформа која уште не е изработена. Но тоа не е проблем за Министерството за образование денеска да распише повик со кој бара на се уште неизработената платформа да и се смисли име. Па така, доколку имате некој интересен предлог испратете го на електронската адреса на Министерството за образование најдоцна до 22 септември.