Законот на Заев за ЈО утре во Собрание, дали ќе помине останува неизвесно

Предлог законот за јавно обвинителство, што минатата недела го најави премиерот Зоран Заев, утре треба да биде доставен до Собранието и да почне процедура за негово донесување.

Законот предвидува укинувањето на Специјалното јавно обвинителство како институција надвор од редовниот јавно обвинителски систем. Обвинителите од СЈО, согласно предложеното, треба да преминат во Јавното обвинителство за организиран криминал, кое пак ќе добие ново име – Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција.  Власта предлага шеф на ова ново обвинителство да биде актуелната шефица на организиран криминал, Вилма Русковска.

Ги има ли Заев потребните гласови за да го протурка законот?

ВМРО ДПМНЕ велат ставот за предложеното законско решение ќе го соопштат откако ќе ги разгледаат сите поединости во предлогот. Но, лидерот на партијата, Христијан Мицковски во интервју пред неколку дена беше дециден дека опозицијата не ја прифаќа Русковска како шефица на новото обвинителство.

Воздржани во однос на предлогот на Заев и осумтемина пратениците од Независната пратеничка група на ВМРО ДПМНЕ. Велат се уште го разгледале предлогот за да формираат став дали ќе ја дадат поддршката. Инаку, нивните гласови се речиси клучни за донесување на овој закон за којшто е потребно двотретинско мнозинство односно 80 пратеници доколку СДСМ претходно не се договори со ВМРО ДПМНЕ околу законот за јавно обвинителство.

Партиите кои се дел од парламентарното мнозинство веќе ја заложија својата поддршка за предлог законот. Од ДУИ велат дека законско решение е добра подолга за да се постигне компромис меѓу сите политички партии во парламентот и да се изгласа. Артан Груби, пратеник од редовите на интегративиците, вели кадровските решенија треба да се остават на Советот на јавни обвинители.

„Видовме што се случи кога пред четири години политичарите се договараа и како сега тоа заврши“, рече Груби алудирајќи на последниот мега скандал со случајот „Рекет“ за којшто постојат сериозни индиции дека е вмешана специјалната обвинителка, Катица Јанева.

БЕСА со условена поддршка за предлогот на Заев. Од партијата на Билал Касами велат ќе го гласаат законот доколку претходно се договори одржување на предвремени парламентарни избори.