Законот на Заев за СЈО в понеделник на седница, ВМРО ДПМНЕ подготвуваат ново решение

Предлог законот за јавно обвинителство, којшто денеска помина на владина седница се очекува попладнево да биде доставен до Собранието. Според собранискиот спикер доколку тоа се случи денеска или пак најдоцна утре предлогот ќе им биде доставен веднаш на пратениците, а веќе в понеделник ќе се најде и на дневен ред на пленарна седница.

„Доколку денеска и утре законот пристигне во Собранието, на 29 јули можам да свикам седница и да помине во прво читање. Потоа во рок од седум дена од првото читање законот треба да помине и на матичната комисија, а од 26 до 30 август може да се свика седница за второ читање на законот. Но, тоа е ситуација доколку се усогласат ставовите“, вели Џафери.

Нацртот на предлог законот го презентираше минатата недела премиерот Зоран Заев по неговиот неуспешен обид да организира лидерска средба на која го покани и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

И покрај тоа што предлогот на Заев во извесна мера ги опфаќа и предлозите на опозицијата во текот на четиримесечните преговори за законот сепак ВМРО ДПМНЕ најавуваат дека наскоро ќе излезат со свој предлог закон и истиот ќе биде доставен до Собранието.

„Законот кој што СДСМ го предлага наместо правна држава треба да го зајакне рекетарско-судско-политичко-медиумскиот октопод кој е создаден од оваа власт. Законот кој го предлагаат е надвор од европските стандарди и има една единствена цел да ја замолкне опозицијата. Законот на СДСМ е неприфатлив и од персонален план кој Заев сака да го наметне, бидејќи тој е синоним за политичкото влијание врз судството. Јасна е тенденцијата на Заев и СДСМ да создадат алатка со која ќе го продолжат притисокот врз секој оној кој што се спротивставува на нивниот криминал. Да не се секира СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ го подготвува предлог законот за јавно обвинителство и истиот многу и скоро ќе биде доставен до Собранието и до јавноста“, велат од ВМРО ДПМНЕ.

Власта со предложениот закон ги прифати забелешките на ВМРО ДПМНЕ во однос на идниот статус на Специјалното јавно обвинителство којшто се уредува со новиот закон за јавно обвинителство иако претходно опозицијата беше обвинувана дека преку предлозите се обидува да „протне“ амнестија за осомничените во случаите на СЈО.

Главната разлика меѓу власта и опозицијата во преговорите беше статусот на СЈО. СДСМ предлагаше Специјалното обвинителство и понатаму да остане независна институција, но во рамките на редовното Јавно обвинителство. Предлогот на опозицијата беше СЈО да биде само одделение во ЈО. Заев во петокот предложи спојување на ЈО за организиран криминал и СЈО во едно обвинителство кое ќе има ново име Јавно обвинителство за организиран криминал и висока корупција. Според предлогот, не само што СЈО не останува независна институција, ниту одделение, туку целосно се укинува.

Истрагите отворени по истекот на рокот од 18 месеци, според власта требаше да продолжат. Опозицијата со спротивен став дека секоја постапка покрената по 30-ти јуни 2017 година е незаконска и истите треба да запрат бидејќи во спротивно би биле оспорени пред Уставниот, но и меѓународните судови.

Прислушуваните материјали како докази, според власта, и понатаму требаше да се користат. Според преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ, користењето на т.н. „бомби“ треба да биде согласно членот од Кривичниот законик односно секој незаконски прибавен доказ не може да се користи во судска постапка. Слично решение на ова предлага и законското решение кое денеска Владата го одобри на седница.

Кадровското решение останува и понатаму разлика. Заев предлага актуелната шефица на ЈО за организиран криминал, Вилма Рускоска во иднина биде прв човек и на новото обвинителство. Предлогот е неприфатлив за ВМРО ДПМНЕ. Опозицијата жестока ја критикуваше Рускоска за нејзиното работење особено во предметот за собраниските настани од 27-ми април 2017 година.

Споредувајќи ги предлозите на Заев и она што беше позиција на ВМРО ДПМНЕ во изминатиот период се чини дека сепак премиерот ја согледал издржаноста на опозициските барања.

За носење на законот за јавно обвинителство потребно е двотретинско мнозинство односно гласовите на 80 пратеници. Власта досега не успеа да ја обезбеди потребната поддршка во парламентот за да ја протурка претходната верзија на законот. Доколку не постигне договор и ВМРО ДПМНЕ не застане зад овој предлог, според актуелното расположение меѓу парламентарните партии и независните пратеници, се чини дека Заев нема да може да го „помине“ ниту овој предлог закон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.