Законот за амнестија готов до петок?

Предлог законот за амнестија којшто треба да го изготви работната група за помирување се очекува да биде готов до крајот на оваа недела. Пратеничката и координатор на собраниското тело за помирување, Емилија Александрова, вели дека законското решение кое го подготвуваат и ќе се однесува на амнестија за учесници во собраниските настани на 27-ми април треба да биде подготвено до крајот на оваа недела и предложен за разгледување пред телото за помирување на следната средба.

„Бидејќи дел од колегите се на службено патување, меѓутоа очекувам дека до крајот на неделава ќе излеземе со конкретно предлог решение во врска со настаните од 27-ми април“, изјави Александров денеска по средба на двајцата европратеници Дејвид Мекалистер и Кнут Флекенштај со независната пратеничка група.

Александров истакна дека веднаш штом пратениците кои се дел од телото се вратат од патувањата ќе биде закажана средба на телото за помирување. За процесот на помирување, Александров вели, добиле силна поддршка од членовите на Европскиот парламент бидејќи, како што рече, помирување е особено важен и клучен процес во овие моменти.

„За нас како осум независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ тоа има големо значење и покажува дека сме на вистинскиот правец, и дека процесот кој тече во државата во однос на процесот на интеграции, на реформи и на помирување е токму вистинскиот пат по кој мора да се движи Македонија. Ова се историски моменти, препознаени од сите, и од нас осумте пратеници“, рече Александрова.

Инаку, досега имаше неофицијални информации за тоа каков ќе биде опфатот на законот за амнестија. Според извори од телото за помирување, она што е прифатливо за парламентарното мнозинство е дека со ова законско решение може да бидат амнестирани единствено оние за кои ќе се утврди дека не се дел од организаторите, нарачателите на упадот во Собрание и не презеле насилен акт во текот на случувањата на 27-ми април. Исто така, истите извори велат дека и покрај тоа што групата за помирување ќе биде во постојано заседавање и има проширена надлежност во ниту еден момент не може да стане збор за ослободување од обвиненија или осуда на лица кои се опфатени со случаите на Специјалното јавно обвинителство.

Според ова, се очекува дека амнестијата ќе се однесува првично на пратениците кои се обвинети за 27-ми април и за иницијаторите на протестите „За заедничка Македонија“.