Законот за иднината на СЈО в четврток на седница на собраниската Комисија за европски прашања

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби за в четврток ја закажа седницата на која ќе се расправа по Предлогот на закон за јавното обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство, и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители  на Република Македонија.

– Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Артан Груби,  во текот на денешниот ден имаше консултации со координаторите на пратеничките групи и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, во врска со двата клучни закони, Предлогот на закон за јавното обвинителство и Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за Советот на јавните обвинители  на Република Македонија,кои што треба да бидат разгледани на Комисијата за европски прашања. По оддржаните консултации г. Груби одлучи да ја закаже седницата на Комисијата за европски прашања в четврток, на 29 август 2019 година со почеток во 11:00 часот, информираат од Комисијата за европски прашања.

Претходно денеска Собранието на пленарна седница одлучи да се носи по скратена постапка Предлог-законот за јавно обвинителство со кој треба да се реши и идниот статус на Специјалното јавно обвинителство. За предлогот гласаа 57 пратеници. По оваа одлука на Собранието, овие закони треба се разгледаат на седници на работните тела.

Министерката за правда Рената Дескоска денеска изјави дека доколку не се обезбеди двотретинско мнозинство за Предлог-зкаонот за јавно обвинителство, тогаш во опција се други решенија, а едно од нив се измени во Законот за советот на јавни обвинители кој се носи со 61 глас.

Во изјава за медиумите дадена по изгласувањето на потребата од донесување на овој закон по скратена постапка, Дескоска повтори дека главен камен на сопнување меѓу власта и опозицијата останува статусот на предметите шти ги води СЈО.