Законот за СЈО во потрага по 80 пратеници

Неизвесна е судбината на законот што го одредува местото и улогата на СЈО. Откако вториот обид за усогласување со ВМРО ДПМНЕ синоќа заврши неуспешно, Владата најавува проширување на опфатот на соговорници, односно разговори и со други пратеници.

ВМРО ДПМНЕ инсистира Законот за обвинителство да вградува принципи, а не амандмани. Доставиле забелешки на 123 страници и 11 меѓународни документи. Ја обвинуваат власта дека сака да тргува со принципот на независно и неартиско обвинителство и дека посакува обвинителство кое ќе служи за политички прогон и заштита на нејзиниот криминал.

Министерката Десковска тврди дека сите документи за кои говори ВМРО ДПМНЕ се веќе вградени во неколку закони. Се сомнева дека опозициската партија одолговлекува и го опструира процесот.

Законот за обвинителство беше усвоен од Владата пред петнаесетина дена. Со него СЈО добива одредена автономија но хиерархиски е подредено на Јавното обвинителство. Ја задржува надлежноста за истрагите отворени и по 30 јуни 2017. Токму поради ваквите одредби, опозицијата прво побара лидерска средба, а потоа почна разговори во работни групи: бара контрола врз работата на СЈО и негово вградување во редовното обвинителство. Законот се носи со двотретинско мнозинство и е дел од реформската законска агенда.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.