Законските измени за јавни набавки го поминаа првото читање

По иницијарита на Државната комисија за жалби по јавни јабавки, денеска околу два часа во собраниската комисија за финансирање и буџет се дебатираше  за предлог измените на Законот за јавни набавки.

Целта на овие законски измени, како што беше истакнато, е зајакнување на контролата и стеснување на просторот за субјективно делување на договорните органи. 

За субјектите што нема да ги почитуваат одредбите се предвидени затворски казни од една до три години зависно од големината на предизвиканата штета.

Во насока на поголема контрола кај набавката на дополнителни работи во постапката со преговарање без објавување оглас, се предлага воведување нова согласност која ќе ја издава советот за јавни набавки за примена на овој основ од постапката со преговарање.

За намалување на можностите за тенденциозно поништување на постапките во случаите на решение на Државната комисија за жалби по јавни набавки со кои постапката се враќа на повторна евалуација, се воведува обврска за завршување на повторната евалуација од страна на комисијата за јавна набавка во рок од пет работни дена.

Кај набавките на услуги за превоз на патници, се предлага нова мерка со која е предвидено понудувачот, доколку сака да користи подизведувачи, да мора да предложи подизведувачи кои и самите ќе ги исполнуваат условите за способност утврдени за понудувачот.

Законот за јавни набавки минатата година беше сменет три пати. Досега има преку 13.000 објави, а склучени се 25.000 договори.