„Замрзнати конфликти“ предвидени за Западен Балкан

страшо ангеловски

Неколку последователни случувања во последниве две недели како полека, но сигурно да го зацртуваат патот на политичкото движење на таканаречениот Западен Балкан. Тука се, пред се’, неколкуте нон-пејпери кои проциркулираа низ медиумите, „позеленувањето“ на ДУИ, вонредните мерки на Бајден…

Од многуте нон-пејпери, кои како пробни балони беа пуштани на балканското небо, посебно е интересен оној кој беше објавен во германскиот политички магазин „Cuerst“, од непознат автор. Нон-пејпер кој предвидува целосно враќање на Косово под суверенитет на Србија на 99 години. Според текстот, „страните се согласиле сите граѓани на Косово да уживаат еднакви права и слободи, без дискриминација, а во склад со најдобрата практика утврдена со Универзалната декларација за човекови права и двата Устава, со посебен осврт на 873.000 Албанци кои поседуваат српско државјанство“. Притоа „двете страни да го поддржат создавањето на признаена самоуправа на Косово со целосно учество на сите национални заедници и со клучна улога на ОЕБС во изборниот процес и одржани избори на сите нивоа на Косово и во Србија до април 2022 година“.

„Под покровителство на вклучените страни, постизборно Косово, со кое ќе управува покраински гувернер, ќе има посебен статус во Србија во наредните 99 години, а гувернерот би бил и еден од потпретседателите на српското Собрание. Постојаната мисија на Србија во ООН да го изразува законодавното, територијалното и популациското единство, а претставник од Самоуправната покраина Косово да биде дел од мисијата“…

На ова се надоврза човекот–зачин во балканските случувања, Даниел Сервер, кој на својот блог „peacefare.net“, предложи сопствен нон-пејпер за Западен Балкан, кој во основа предвидува „…гарантиран суверенитет и територијален интегритет на сите држави во регионот со почитување на правата на малцинските заедници…“.

Ова веќе од далеку наликува на обид за целосно замрзнување на српско-косовскиот конфликт во наредните 99 години, како би се овозможил нивни заеднички пазар, брзо и бесплатно минување на важечките административни премини и непостоење двојни царини, со цел забрзан српско-косовски економски развој.

И Ахмети во „сандакот за замрзнување“

Во контекст на ова, исклучително интересна, како од некого издиктирана, е изјавата на Али Ахмети дадена по повод „зазеленувањето“ на неговата партија, во која вели дека „…воспоставиле еднаквост преку ЦЕЛОСНА имплементација на Охридскиот мировен договор…“.

Ако е така, ако Охридскиот рамковен договор е ЦЕЛОСНО имплементиран, тоа би требало да значи дека сите барања на албанската заедница во државава се исполнети и дека ќе престанат нивните нелогични барања кои создаваат постојан конфликт во македонското општество и го оневозможуваат неговиот мирен развој. Со тоа, Ахмети и неговата ДУИ како да се вклопуваат во процесот на „замрзнување“ на конфликтите на Западен Балкан и во Македонија. А, дури и под притисок замрзнатиот конфликт, може да ја сврти државата во правец на мирно посветување на економскиот развој и квалитетот на живот.

На крајот, но не помалку интересен е и Указот што го потпиша американскиот претседател Џозеф Бајден со кој го проширува опфатот на вонредни мерки во врска со регионот „Западен Балкан“. Тој, со овој Указ, нареди воведување санкции на секој еден за кој Министерството за финансии, во консултација со Стејт Департментот, ќе утврди дека „е одговорен или е соучесник, директно или индиректно ангажиран во акции или политика кои му се закануваат на мирот, безбедноста, стабилноста или територијалниот интегритет на која било област или држава на Западен Балкан и ги поткопува демократските процеси и институции во регионот“, стои на сајтот на Белата куќа.

Со новиот Указ се опфатени и Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор, Резолуцијата 1244 и Дејтонскиот договор, кои најдиректно се однесуваат токму на Македонија, Србија, Косово и БиХ. И повторно, сето ова води токму кон промоција на „замрзнати конфликти“, наменети за државите од таканаречениот Западен Балкан. За жал, еднаш веќе напишав – откако го воведоа терминот „Западен Балкан“ ја живееме судбината на земјите од „Блискиот исток“, термин кој одамна го воведоа за да означат територија на постојани конфликти и, од тогаш, земјите од „Блискиот исток“ не видоа бел ден.

Големите империи и „замрзнатите конфликти“

Ваквата практика на „замрзнати конфликти“ ја воведе Велика Британија во залезот на двовековното империјалистичко владеење познато како „Pax Britannica“, кога ја изгуби својата империјалистичка моќ и повлекувајќи се од териториите со кои владеела ги остави во фаза на „замрзнат конфликт“, кој секогаш, по потреба, може да се активира. Таков е случајот со Ерусалим, со Кипар, со Индија и Пакистан, и најсвежиот, со Хонг Конг. „Замрзнати“, но секогаш потенцијални конфликти кои може да се активираат според потребите на големите сили.

Сегашното американско воведување „замрзнат конфликт“ на Балканот, но и во Авганистан, Сирија, Либија… можеби треба да го толкуваме како крај на тридецениската “Pax Americana“, односно тридецениското империјалистичко американско владеење со светот. И да се потсетиме на зборовите на рускиот претседател Путин дека САД забрзано чекорат по патот што го изоде СССР до својот конечен распад.

Не случајно Карл Маркс ќе запише:

„Хегел има некаде спомнато дека историјата се стреми да се повторува. Само заборава да додаде дека првиот пат како трагедија, а вториот пат како фарса“.

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.