Ѕанакопулос убеден дека договорот од Преспа ќе помине со широко парламентарно мнозинство

Доколку политичките сили во земјата гласаат врз основа на јасни политички критериуми и идеологии, договорот од Преспа ќе помине со доста широко парламентарно мнозинство, изјави во четвртокот министерот без ресор и портпарол на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за државната телевизија ERT.

„Што се однесува до македонското прашање, доколку се исполнат предусловите од соседната земја, ќе дојде во грчкиот Парламент, ќе помине со доста широко парламентарно мнозинство, доколку политичките сили гласаат, не врз база на внатрешно политичките намери и цели, туку врз база на идеологии и јасни политички критериуми“, рече Ѕанакопулос.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на ставот на коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос, дека нема да гласа за Договорот од Преспа, но и дека ќе ја урне Владата, Ѕанакопулос ја повтори изјавата на лидерот на Независни Грци дека според договореното по изборите во 2015, со Алексис Ципрас ќе оди до крај на четиригодишниот мандат.