Занимавањето со „вмровските“ работи параван за криењето на расколот во СДСМ

На сцената уште еднаш во моментов се демонстрира неинвентивноста во осмислувачите на стратегијата на социјалдемократите. Повторно преку своите медиумски инсталации се обидуваат да создадат и разгорат раскол во редовите на главниот опонент ВМРО-ДПМНЕ, но и овојпат вистинската причина за прибегнувањето кон оваа метода е да се прикријат нетрпеливостите и раздорот во самата СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ од самото нејзинот основање е цел на тајната полиција којашто произлезена од поранешната комунистичка служба се врза со партијата изнедрена од поранешната СКМ, преименувана подоцна во СКМ-ПДП па во СДСМ. Изминатите речиси три децени безброј пати јавноста беше сведок на обидите преку инсталации во членството да се предизвика распад и длабока криза во ВМРО-ДПМНЕ, а сепак завршуваа со бенигни појави кои набрзо самите се задушуваа. Дури неретко, како и сега, јавноста беше сведок на несфатливо комични ситуации кога СДСМ нудеше и избираше конкретни личности за лидер на најголемиот политички противник.

Занимавањето со ткн „вмровски“ теми во самата СДСМ и преку нејзе блиските аналитичари и медиуми е практика која беше применувана во времето на секој лидер на ВМРО-ДПМНЕ. Овојпат цел е Христијан Мицкоски. Тој очигледно беше потценет поради неговото кусо непосредно учество во политиката, но опасноста за СДСМ доаѓа од тоа што и покрај тоа што во услови во какви што се одржаа изборите и што неговиот политички ривал од позиција на власт го искористи сиот инструментариум на државата и моќта, успеа да постигне изборен резултат кој ги помати сметките, во прв ред на Зоран Заев. Да не се споменува и притоа големата можност за изборна кражба.

Но по правило, ваквата стратегија укажува токму на желбата под тепихот да се стават вистинските состојби во редовите на социјалдемократите. Имено, резултатот на Заев од само два пратеника повеќе избоксувани со помош на БЕСА во „шестката“, е далеку од неговите предизборни ветувања и убедувања на сопартијците дека ќе победи со 120 илјади разлика и ќе оствари двоцифрена разлика во пратеничките мандати во полза на СДСМ. Можеби Заев и искрено верувал во такаво нешто, на што наведува и неговиот однос во предизборието кон најголемиот албански коалициски партнер. Но самоумисленоста за голем политичар на Заев и неговото нараснато его како производ од политиката да се остваруваат зададени задачи е, или барем би требало да биде, предмет на внатрепартиска анализа.

А, како крајниот збир од гласовите покажува дека всушност социјалдемократите за влакно избегнаа Мицкоски да го добие мандатот за составување влада, кај некои сопартијци на Заев ја запали „светилката за тревога“. Во СДСМ сѐ почесто му се забележува на Заев што криминалот во партијата станало професија, а од друга страна врз него е и притисокот за сѐ поголемото зајакнување на ткн „скопско крило“ кое прави обиди да му се спротистави на „струмичкото лоби“ кое го гледа како извор на криминализирањето на високите партиски функционери и директна причина за слабиот изборен резултат и лажливиот впечаток за победа. Попрво, кај социјалдемократите сѐ повеќе се шири убедувањето дека токму БЕСА го спасила СДСМ од изборен пораз.

Поради тоа во СДСМ нема еуфорија од резултатите од изборите, ниту славање. Секому ми е јасно дека бројката пратеници која ја донесе Заев не е резултат кој може да се доживее како победа и оти е големо прашањето дали тој ќе успее да обезбеди мнозинство за составување влада. Имајќи го предвид, особено, влошениот однос со Али Ахмети кој испорача максималистичко барање. Зашто уште едно повлекување на Заев пред барањата во неговите настојувања да остане на власт, како во случајот со ткн Тиранска платформа, во овој случај неминовно ќе резултира со силен пораз на СДСМ на следните избори.

На Заев, според партиски извори, му се забележува и поради деспотското владеење, што најдобро се отчитува во изборот на личноста којашто ја избра за најважниот ресор на финансиите, а којашто, јавна тајна е, претставува само „фаца за прес-конференции“. Останувањето непрометен тимот на Заев со проблематична компетентност изминатите четири години, исто така, е предмет на длабоките внатрепартиски несогласувања во СДСМ.

Поради тоа, Заев е всушност првата фигура во земјата којашто се движи на работ на опстанокот на политичката сцената, и покрај тоа што „Бихаќка“ сѐ уште се обидува со излитените клишеа дури и поименично да им нуди партиски лидер на вмровците.

А кога станува збор за тоа, се чини дека Мицкоски и неговиот тим и не биле толку наивни, па ја пресретнаа офанзивата од СДСМ со демократизација на партискиот статут, кој сега го префрли фокусот на јавноста на сосема друго подрачје. И истовремено му даде „материјал“ на делот од социјалдемократите кои исто се залагаат за реформи во својата партија.