Заокружен проектот „Наш специјалист“ со воведување две специјалности во Вевчани

Проектот „Наш специјалист“ од денеска се воведува во Здравствен дом Вевчани со специјалист – психијатар и специјалист по физикална медицина, кои секоја сабота ќе вршат амбулантски прегледи во овој здравствен дом.

Овој проект веќе успешно функционира во вкупно 14 здравствени домови во следните места: Берово, Валандово, Крива Паланка, Виница, Неготино, Свети Николе, Радовиш, Делчево, Ресен, Кратово, Демир Хисар, Пробиштип, Ростуше и Македонски Брод. Според податоците од системот МојТермин досега се извршени вкупно 1500 специјалистички прегледи. Со проектот се опфатени 8 различни медицински области, меѓу кои: ортопедија, неврологија, оториноларингологија, психијатрија, невропсихијатрија, интерна медицина, урологија, општа хирургија, а со воведувањето на проектот во Здравствен дом Вевчани, опфатот на специјалности се проширува со физикална медицина како нова специјалност.

На овој начин, Министерството за здравство овозможи проектот да функционира во сите градови низ државата каде има само здравствени домови со доктори од одредена специјалност и поради тоа за некои специјалистички прегледи пациентите досега биле упатувани во други градови. Анализата на потребните медицински специјалности за секој град се врши врз основа на податоците од системот МојТермин, односно врз основа на бројот на упатувања за специјалистички прегледи во други градови.

Проектот „Наш специјалист“ е воведен во рамки на последните измени на Законот за здравствена заштита, со кои се овозможува Министерството со патен налог да упатува доктор-специјалист од една во друга јавна здравствена установа.