4.8 C
Skopje
сабота, ноември 30, 2024

Западен Балкан е клучен приоритет на ЕУ, вели Вархеји за „Политика”

Иднината на Западен Балкан е во Европската унија, оцени еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, додавајќи дека за Западниот Балкан е клучна поврзаноста на Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје и Тирана.

– Ние работиме неуморно за да го приближиме регионот до ЕУ што е можно побрзо со постигнување на три цели: да дадеме нов поттик за процесот на проширување, да ги отвориме пристапните преговори со Албанија и Македонија и да го забрзаме економското приближување на регионот кон ЕУ, наведува Вархеји.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Вархеји во текстот во „Политика” оценува дека патувањето и трговијата меѓу Белград, Подгорица, Приштина, Сараево, Скопје и Тирана денес трае двојно повеќе отколку меѓу градови што се многу подалечни.

Поврзаноста, посочува тој, е клучна за животот на луѓето, за бизнисите и за економиите во регионот, особено кога мора да се охрабри закрепнувањето по пандемијата на КОВИД-19. Тој забележа дека мора да се намали јазот во економскиот развој помеѓу регионот и ЕУ, што ќе го забрза процесот на интеграција на тие земји во ЕУ.

– Ова се главните причини зошто Европската комисија оваа недела го претстави сеопфатниот Економско инвестициски план за Западен Балкан. Планот предвидува мобилизирање до девет милијарди евра за финансирање на инвестициските приоритети во транспортот, енергетиката, зелената и дигиталната транзиција за да се создаде долгорочен раст и создавање работни места, наведува еврокомесарот.

Тој посочува дека планот има за цел зајакнување на инвестицискиот капацитет на регионот благодарение на новиот гарантен инструмент за Западен Балкан, чија амбиција е да се мобилизираат 20 милијарди евра инвестиции.

– Потребен ни е Западен Балкан кој е подобро поврзан, без разлика дали станува збор за патен или железнички сообраќај меѓу главните градови или со ЕУ или ултрабрзиот широкопојасен интернет, наведува Вархеји.

Еврокмесарот верува дека ова ќе помогне да се создаде силна пазарна економија преку силно и директно стимулирање на трговијата и инвестициите.

Вархеји забележува дека се нуди соработка при создавање економија базирана на знаење преку помош на малите и средни претпријатија, стартапите и индустриите кои се занимаваат со истражување и развој.

Со планот е покрената и Зелена агенда за Западен Балкан, додава Вархеј, нагласувајќи дека зелената и дигитална транзиција е приоритет на ЕУ за сопствено закрепнување и Унијата сака да го поддржи регионот и во таа област.

– Во контекст на брзото постепено престанување на корисењето на јагленот, покрај обновливите извори на енергија, значајна улога ќе игра и гасот. Ние сакаме да донесеме гас на Западниот Балкан за да создадеме разновидност и намалување на енергетската зависност, додека врз основа на тоа може да се надоврзаат долгорочни неутрални климатски решенија како водородот, смета Вархеји.

Тој истакнува дека меѓународните финансиски институции се подготвени да го поддржат нивниот амбициозен план и дека оваа поддршка ќе биде клучна за максимално искористување на огромниот потенцијал на регионот.

Преку Економскио-инвестициски план, посочува тој, Комисијата сака да ја зајакне регионалната димензија на соработка.

– Регионалната еконосмка интеграција меѓу шесте партнери не е отстапување од европскиот пат, туку непосредна можност за раст, за надминување на економскиот предизвик, за модернизација на економиите во регионот во согласност со приоритетите на ЕУ и нивно приближување до внатрешниот пазар на ЕУ, смета тој.

Економскиот и инвестицискиот план одат заедно со реформите, наведува Вархеји, додавајќи дека реформите, особено во владеењето на правото, се во фокусот на процесот на проширување и се потребни за поддршка на овој План, бидејќи ја зајакнуваат безбедноста на бизнисот и создаваат подобра клима за инвестиции.

Тој потсетува дека ЕУ застанала зад регионот за време на пандемијата КОВИД-19, обезбедувајќи ја потребната поддршка, вклучително и итната медицинска помош и финансиски пакет од 3,3 милијарди евра за решавање на непосредните последици од пандемијата./МИА.,