Западен Балкан е во еден од шесте приоритети на Бајден

22

Меѓу надворешно-политичките приоритети на новата американска администрација е Западен Балкан, беше речено во телефонскиот разговор меѓу претседателот на САД, Џо Бајден и германската канцеларка Ангела Меркел.

Според соопштението на Белата куќа, двајцата државници истакнале приоритетни теми, вклучувајќи ги Авганистан, Кина, Иран, Русија и Украина, како и Западен Балкан, каде што е актуелно прашањето за решавање на односите и постигнување договор меѓу Белград и Приштина.

-Претседателот Џозеф Бајден денеска разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, пренесувајќи ја неговата желба за продлабочување на односите меѓу двете земји. Тој ја изрази својата намера да го ревитализира трансатлантскиот сојуз, вклучително и НАТО и Европската унија, како камен-темелник на колективната безбедност и заедничките демократски вредности. Тие, исто така, се согласија за важноста на глобалната соработка, вклучувајќи ја и обновената посветеност на САД кон мултилатерални организации, борбата против климатските промени, борбата против Ковид-19 и подобрување на здравствената заштита, како и постигнување одржливо глобално економско закрепнување, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.