Западен Балкан на дневен ред на министрите за надворешни на ЕУ в понеделник

Советот на министрите за надворешни работи на ЕУ в понеделник ќе разговара за ситуација на Западен Балкан, со фокус на дијалогот Белград-Приштина, јави дописничката на МИА од Брисел.

Денеска во Париз високиот претставник за надворешна политика во Париз се сретнува со косовскиот премиер, Албин Курти и со српскиот претседател, Александар Вучиќ. Се очекува во наредните часови дипломатската служба на ЕУ да соопшти кои се пораките кој тој им ги пренел на двајцата лидери.

Односите помеѓу Белград и Приштина ескалираат во последните недели поради одлуката за промена на регистарските таблици на Србите на Косово. Во меѓувреме српските претставници ги напуштија институциите на Косово, додека Приштина одбива да ја почитува и имплементира одлуката за воспоставување на Заедница на српски општини.

Министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за ескалацијата меѓу Србија и Косово која предизвика загриженост во ЕУ. Европската Комисија побара итна деескалација и предупреди дека ново избувнување на тензии ќе го загрози целиот регион.

Освен Србија и Косово, загриженост има и за уставниот застој во Црна Гора како и за политичките тензии во Босна и Херцеговина.

Во однос на Северна Македонија, Европската Унија ќе ја охрабри земјата да ги „донесе потребните одлуки“ за да добие зелено светло за одржување на првата вистинска меѓувладина конференција и за отворање на преговарачките поглавја со ЕУ, изјави за МИА денеска висок дипломатски извор од ЕУ.

Тие одлуки се промените во Уставот за внесување на Бугарите како конститутивен народ.

Како што истакнуваат дипломатите во ЕУ само со носење на потребните одлуки, земјите членки на ЕУ ќе можат да дадат зелено светло за почетокот на преговорите со ЕУ.

На шести декември ќе се одржи Самит ЕУ-Западен Балкан во Тирана. Состанокот во понеделник ќе биде подготовка на овој лидерски состанок, порачаа дипломатите во ЕУ.

Освен Западен Балкан во понеделник министрите најголем дел од дискусијата ќе го посветат на ситуацијата во Украина и руската агресија, посебно по повлекувањето на руските трупи од Херсон. ЕУ дипломатите пренесуваат дека “Украина останува внимателна“ и покрај оваа победа, но дека е јасно дека Путин е повторно поразен на бојното поле.

Ќе се разговара и за натамошна поддршка на Украина и како справување со глобалната криза која произлегува од оваа војна.

Шефовите на ЕУ дипломатиите во понеделник наутро ќе имаат појадок со лидерката на белоруската опозиција, Свитлана Тихановскаја.