Западниот Балкан меѓу Брисел и Париз

Истиот ден кога Урсула Фон дер Лајен, Жозеп Борел и Оливер Вархељи едногласно му порачаа на Западниот Балкан дека европската иднина на регионот не се доведува во прашање, Емануел Макрон го повтори своето „не“. Што е решение? Кога Франција во октомври го блокираше отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, претседателот Макрон веројатно не очекуваше дека неговото противење на продолжението на постоечката политика за проширување ќе го издигне Западниот Балкан и неговата иднина на самиот врв на агендата на Европската унија, наведува Дојче веле во анализата „Западниот Балкан меѓу Брисел и Париз“.

Пред сѐ, по октомвриската дебата на лидерите на Европската унија за проширување кое тогаш ги засени сите останати теми на Советот на ЕУ, новиот состав на Европскиот парламент ја усвои резолуцијата за подршка на Западен Балкан. Потоа новиот претседател на Парламентот, Давид Сасоли во својата прва официјална посета отпатува во Скопје.

Фон дер Лајен: промените може да се одвиваат паралелно со проширувањето

Западниот Балкан ги одбележа и првите работни денови на новата Европска комисија. На својата прва конференција за новинарите по стапувањето на должност на претседателката на Комисијата, Урсула Фон дер Лајен му испрати порака на регионот.

„Стратешки е апсолутно важно што појасно да му покажеме на Западниот Балкан дека ги сакаме на наша страна и дека имаме голем интерес од нивното приближување во ЕУ,” порача Фон дер Лајен. Таа оцени и дека е важно ЕУ да се “држи до идеата за пристапни преговори“, но и да ги сослуша позициите на земјите членки кога станува збор за измена на тој процес.

„Кога станува збор за пристапните преговори јас би се заложила за тоа промените да одат паралелно, односно на земјите да им се пружи прилика да ги започнат пристапните преговори,” рече Урсула Фон дер Лајен.

Борел: Европа е единствено решение

Истиот ден и новиот шеф на дипломатијата Жозеп Борел во Европскиот парламент нагласи дека и покрај отворените прашања и дебати околу методологијата за проширување, тој процес не може да биде доведен во прашање.

„Мораме да го одржиме моментумот и да продолжиме да работиме со сите земји членки за да сфатат дека не можеме да ја затвориме ниту да ја укинеме европската перспектива на земјите од Западниот Балкан,” рече Борел.

Овој искусен дипломат и поранешен претседател на Европскиот парламент и министер за надворешни работи на Шпанија, потсети на трагичните последици кои војната во Југославија ги остави во регионот на Западен Балкан. „Наследството од таа трагедија создаде поделби, сиромаштија и конфликти на етничка и национална основа, а Европа е единствената која може да понуди решение за таа ситуација, ” рече Борел.

Кој какво решение гледа за Западниот Балкан?

Новиот еврокомесар за проширување Оливер Вархељи „решението“ за Западниот Балкан го гледа во поголем кредибилитет и зголемена динамика на процесот. „На крајот од мојот петгодишен мандат, би требало да имаме барем една земја подготвена да влезе во ЕУ,” вели Вархељи.

Тој најави дека Европската комисија на почетокот од јануари ќе излезе со конкретен предлог за промена на методологијата за пристапување на основа на која ќе продолжи да се води дебатата меѓу земјите членки. „Зборуваме за промена на методологијатата и никој не ја доведува во прашање европската перспектива на земјите од Западниот Балкан. Тоа воопшто не треба да биде премет на дебата и за тоа нема да се разговара,” вели Вархељи.

Макрон: Пристапување, а можно и стратешко партнерство…

Речиси истовремено, но од другата страна на Ламанш, зброрувајќи на завршната конференција на самитот на НАТО во Лондон, претседателот на Франција ја врати приказната на почеток – односно на блокада.

„Експлицитно велам дека сака да дојде до реформа на процедурите за преговарање пред било кое следно покренување на процес на преговори, ” изјави Емануел Макрон. Тој исто така „експлицитно“ додаде дека ќе биде против секаков вид на проширување на ЕУ „кое не е пропратено со длабоки реформи за функционирање на Унијата.”

За францускиот претседател „решение“ за Западен Балкан е негово цврсто поврзување за Европската Унија. „Тоа усидрување за некои може да значи и пристапување во ЕУ, но треба да биде јасно: тоа значи и фаза на стратешко партнерство и зголемено инвестирање,” објаснува Макрон.

И додека новиот еврокомесар за проширување Вархељи вели дека институционална реформа на ЕУ не е услов за проширување и дека Унијата „ќе биде способна повторно да функционира со 28 земји членки,” за претседателот Макрон функционирањето на ЕУ со актуелниот број членки е крајно неефикасно, а со нови членки – неодржливо.

Вархељи очекува отворање на преговорите со Скопје и Тирана во мај

Наспроти претседателот на Франција кој се поцврсто ја „бетонира“ својата идеа за кочница на проширувањето, а за која тврди дека ќе има подршка и од „уште неколку земји членки“, во Брисел се зборува за позитивен напредок за земјите на патот кон евроинтеграција и се охрабрува регионот да продолжи со европските реформи.

Еврокомесарот за проширување Оливер Вархељи за следната недела најави отворање на ново поглавје во пристапните преговори со Србија. За Црна Гора, Вархељи вели дека е најнапредна во пристапните преговори и ја повикува како и Србија на брзи реформи во областа на владеење на правото, медумски слободи и изборни закони. Во првото обраќање на еврокомесарот за проширување имаше пофалби и за Босна и Херцеговина за номинацијата на претседавачот во советот на министри и земјата е повикана да спроведе „целосно формирање и функционалност“ на сите нивоа на извршна и законодавна власт во земјата. „Само така земјата може да тргне во решавање на клучните прашања и приоритети кои и ги претстави Комисијата,” вели Вархељи.

Исто така еврокомесарот за проширување вели дека е важно и во Приштина што поскоро да се формира новата власт бидејќи на Косово му претстои „значителна работа“ вклучително и приоритетните области како што се економски развој, борба против корупција и организиран криминал, но и продолжение на дијалогот со Белград.

„Кога станува збор за Северна Македонија и Албанија, Европската комисија ќе се залага за што побрзо отворање на пристапните преговори, што очекуваме дека ќе се случи пред мајскиот самит во Загреб,” најави еврокомесарот Вархељи.

Самитот во Загреб – клучен за проширувањето

Вархељи, Макрон и Борел се согласни во едно, а тоа е дека од самитот ЕУ – Западен Балкан кој е планиран за мај 2020 година во Загреб, се очекува да биде пресвртница во политиката за проширување. До тогаш би требало да се дефинираат и усогласат позициите на земјите члени и институциите на ЕУ околу иднината проширувањето, а со тоа и иднината на Западниот Балкан. Хрватска која од 1 јануари 2020 година го презема претседателствувањето со Советот на ЕУ вели дека сака самитот во Загреб да биде одредница која ќе ја даде вистинската насока односно “ќе ја трасира мапата за идните десет години во однос на политиката за проширување.„

Во Брисел, воочи дебатата за проширување, предупредуваат дека политиката на проширување на ЕУ не може да зависи од поедини земји членки, односно од нивните домашни политики. Се додава и дека внатрешната функционалност на Унијата, како и нејзината глобална геополитичка волја ќе биде ставена на тест токму во срцето на европскиот континент – на Западниот Балкан, објавува Дојче веле во анализата „Западниот Балкан меѓу Брисел и Париз“. /МИА/