Западните лидери ја бојкотираат Олимпијадата во Сочи?

Британскиот премиер Дејвид Камерон нема да присуствува на Олимписките игри во Сочи, Русија, поради премногу работни обврски, објавува „Ројтерс“, пренесува Нетпрес.

Камерон нема да се појави ниту на церемонијата за отворање на игрите на 7 февруари, ниту пак на церемонијата за нивно затворање на 23 февруари, годинава.

На свеченостите од игрите Велика Британија ќе ја претставуваат принцезата Ана, ќерка на кралицата Елизабета II, министерот за култура, медиуми и спорт, Марија Милер, и државниот министер за спорт, Хелен Грант.

Од „Даунинг стрит“ 10 соопштиле дека досега ниту еден премиер не посетил зимски Олимписки игри, па поради тоа нема ништо невообичаено во одлуката на Камерон.

kameron

Од друга страна, се појавуваат информации дека многу светски лидери ја бојкотираат Олимпијадата во Сочи, најмногу поради ситуацијата со човековите права, а особено со правата на хомосексуалците во Русија.

oland

Во Сочи нема да се појават ниту францускиот претседател, Франсоа Оланд, ниту пак неговиот германски колега, Јоаким Гаук.

Германските спортисти, кои ќе се натпреваруваат на Олимпијадата, ќе носат опрема со боите на виножитото – симбол на движењето за еднакви права на луѓето од геј заедницата.

gauk

Американскиот претседател Барак Обама, исто така нема да присуствува на Олимпијадата во Сочи, а американската спортска делегација вклучува и три лица со нетрадиционална сексуална ориентација.

obama