Западните и ирачките разузнавачки служби веруваат дека нов челник на ултратадикалната сунитска организација Исламска држава станал Абу ал-Хасан ал-Хашими ал-Куриши, брат на ликвидираниот џихадистички водач Абу Бакр ал-Багдади, пренесува Reuters повикувајќи се на безбедносни извори.
Се додава дека ал-Куриши, родум од Ирак, е постар брат на ал-Багдади, како и дека вистинското име на новиот џихадистички лидер е Џума Авад ал-Бадри. Според агенцијата, тој бил припадник на различни радикални ирачки групации од американската воена инвазија во Ирак во 2003 година.
Претходно за ал-Куриши беше известувано дека го води советодавното тело на Исламската држава, коешто ја одредува стратегија и плановите за акции на групацијата во скора иднина. Според разузнавачките извори, ова тело, исто така, ги избира и водачите на групацијата. Покрај тоа, новиот водач ги контролира и главните финансиски текови на организацијата.
Претходно годинава на 3-ти февруари, прес-службата на Белата куќа објави писмена изјава на американскиот претседател Џо Бајден, во коешто беше наведено дека американските сили извеле успешна антитерористичка операција во северозападна Сирија, во текот на којшато бил убиен тогашниот лидер на Исламската држава, Аби Ибрахим ал-Хашими ал-Курејши, познат и како Аби Абдула Кардаш.
Ал-Багдади, ирачки џихадист кој од анонимен припадник на Ал Каеда се издигна до лидер на многу порадикалната и побрутална ривалска групација Исламска држава и се прогласи „калиф“, кон крајот на октомври 2019 година беше убиен од американските специјалци во селото Бариша во сириската покраина Идлиб. Ал-Багдади загинал детонирајќи експлозивен елек во тунел без излез, опколен од американските војници.