Западот ја користи Украина за сајбер напади против Русија, предупредува ФСБ

Западните земји предводени од Соединетите држави користат нови видови кибернетичко оружје против Русија, користејќи ја мрежната инфраструктура на Украина, пренесува во четвртокот агенцијата РИА цитирајќи го Центарот за односи со јавноста на руското Федерална служба за безбедност (ФСБ).

„Во текот на анализата на идентификуваните компјутерски закани, добиените податоци укажуваат на користењето на украинската територија од страна на САД и земјите од НАТО за изведување масивни компјутерски напади врз цивилни цели во Русија“, се наведува во цитираното соопштение.

ФСБ, исто така, открила дека во моментов „мрежната инфраструктура на Украина ја користат единиците за офанзивни сајбер операции на западните земји, што им овозможува прикриено користење нови видови кибернетичко оружје“.

Севкупно во минатата 2022 година руските стручњаци за заштита од кибернетички опасности регистрирале повеќе од 5.000 хакерски напади врз критична инфраструктура во Русија.

„Негативните последици беа избегнати поради навремените дејствувања“, тврдат до ФСБ.

Се прецизира притоа дека кибернетичките напади врз руски цели се разработуваат со непосредно учество на Здружената команда на Пентагон во соработка со меѓународните хакерски групи „Anonymous“ и „Silence“ како и американската „Ghost Clan“, турската „RedHack“, грузиската GNG, полската Squad 303 и други.

„Истовремено Вашингтон се обидува да ја сокрие својата улога во таквите операции и ‘авторството’ го става исклучиво на Украина, поточно на групата IT Army of Ukraine“, додаваат од ФСБ.

Се прецизира и дека ФСБ ги поседува „сите можности да ги идентификува сите нарачатели и организатори“ на кибернетичките напади против руската инфраструктура и да ги „изведе пред лицето на правдата“.

Осигурувањето информациска безбедност на Русија е една од клучните задачи коишто претседателот Владимир Путин го постави пред ФСБ на состанокот кон крајот на февруари.

Неодамна Николај Мурашов, заменикот директор на рускиот Национален координативен центар за компјутерски инциденти истакна дека против Русија е започната „невидена“ сајбер кампања. Прецизираше дека минатата година од почетокот на руската инвазија во Украина биле регистрирани и одбиени бројни дигатилни напади насочени кон кражба на информации и нарушување на технолошките процеси, како и обиди за нарушување на функционирањето на објекти и институции со цел да се предизвика негодувања во општеството.