Западот бара одговори за кризата околу Украина, непријатни пораки од Лондон

Западните челници и натаму се обидуваат да осмислат на кој начин би одговориле доколку Русија навистина изведе инвазија врз Украина следните седмици, како што веќе извесен период предупредуваат главно од Киев и од Вашингтон.

Воени и политички високи функционири од Западот со седмици наназад предупредуваат дека можеби Русија која распоредила според нив околу 100.000 војници на границата се подготвува со инвазија во Украина.

Москва ги отфрла таквите обвинувања и тврди дека движењето на нејзините трупи на нејзината територија е безбедносно прашање поради распоредувањето на значителни украински сили во областа на побунетите мнозински рускојазични региони во Донбас, како и поради зголеменото присуство на западни единици и офанзивно вооружување на украинска територија.

Во коментарите за весникот Frankfurter Allgemeine Zeitung, германскиот министер за стопанство и вицекнацеларт Роберт Хабек од Зелените, изјави дека евентуалната руска инвазија би можела да го поттикне Берлин да ја преиспита својата соработка со Русија по прашањето на заедничкиот проект на гасоводот Северен тек 2. Според него, учеството на Германија во проектот било „геостратешка грешка“, но дека кога веќе е изграден тој треба да биде усогласен со правото на Европската унија.

Овој гасовод, со кој директно од Русија треба да се исппорачува гас во обем од 55 милијарди кубни метри годишно во Германија, им пречи на некои западни сили. Во прв ред на САД за кои тоа ќе ја направело Европа енергетски уште позависна од Русија, но Берлин одговараше и во минатото дека причината за тоа е желбата на Вашингтон во Европа да го пласира позначајно американскиот течен природен гас (LNG) што во моментов е помалку изводливо поради недоволната инфраструктура. Украина, пак, економски се потпираше на големите приходи и влијанието поради тоа што рускиот гас минуваше преку нејзината територија сега стравува дека ќе биде оставена настрана со загуба на приходите од неколку милијарди евра.

Гасоводот Северен тек 2 сѐ уште не е пуштен во експлоатација поради побарувањето на Берлин операторот „Nord Stream 2 AG“, чие седиште е во Швајцарија е да го префрли имотот врз фирма ќерка регистрирана во Германија. Иако германските функционери истакнаа дека регулаторот треба да донесе неполитичка одлука, Хабек во интервјуто вели дека тоа може да биде променето доколку се случи инвазија.

Меѓутоа, вестите во саботата не беа позитивни за Украина.

Британската новинска агенција Press Association (PA), извести дека британскиот министер за одбрана Бен Волас во интервјуто за Spectator посочил дека „Украина не е членка на НАТО, така што не е веројатно дека некој ќе испрати војска во Украина за да се судри со Русија“.

„Не треба да ги залажуваме луѓето дека тоа ќе го сториме. Украинците се свесни за тоа“, наведува Волас во коментарите на социјалните мрежи пред објавувањето на интервјуто.

Ден претходно, британскиот премиер Борис Џонсон информираше дека телефонски разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и оти му порачал дека секаква дестабилизирачка активност од страна на Русија кон Украина ќе претставува „стратешка грешка“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.