13.8 C
Skopje
петок, април 19, 2024

Запален автомобил на партиски функционер на ВМРО-ДПМНЕ (ФОТО)

Рано утринава во 02.15 часот во полиција беше пријавено дека во Скопје на улица „Франклин Рузвелт“ било опожарено возило „пежо 208“, сопственост на М.К. (33) од Скопје. Од огнот било зафатено и возило „форд фиеста“, сопственост на Б.Ѓ. (63) од Скопје.

Од ОК на ВМРО-ДПМНЕ Карпош денеска обелоденија дека запалениот автомобил е на претседателот на месниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, Владо Тасевски, додавајќи дека партијата во повеќе наврати реагира на безбедноста во Карпош и во Скопје.

-Изборниот процес не е ни започнат, а видете што се случува. Веќе изразивме сомнеж дека криминалците се во коалиција и имаат поддршка од власта, а со синоќешниот инцидент станува очигледно дека преку насилство и инциденти власта се обидува да испрати порака на заплашување, рече во неговата изјава за медиуми, Тони Јаревски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Карпош.

Јаревски додаде дека криминалот станува пракса во Скопје, граѓаните не се чувствуваат повеќе безбедни, не поминува месец без запален автомобил, граѓаните се оштетени, а МВР не е способна да го одржи јавниот ред и мир.

-Во повеќе наврати опоменувавме дека криминалот во Карпош е во подем. Минатата година во само 3 квартала имаше 750 извршени кривични дела, провални кражби, грабежи и разбојништва, а расветлени од непознат сторител 0, ниту едно, нашите сограѓани веќе се несигурни и на улица и дома, вели Јаревски.

Тој побара итно расветлување на овој случај, бидејќи во спротивно само ќе се потврдат нивните сомнежи дека се работи за политички мотивиран случај во организација на власта.