Запален иранскиот конзулат во Басра

Граѓанските  протести поради незадоволство од владеењето на ирачката политичка елита и корупцијата се интензивираа во јужниот дел на Ирак во текот на изминатите 24 часа, а демонстрантите ноќеска влегоа во иранскиот конзулат во Басра, додека другата група кратко зеде заложници на нафтено поле во близина.

Протестите траат пет дена и кулминираа со упадот на демонстрантите во иранскиот конзулат кој беше запален, а кои повикуваа пароли против влијанието на Иран врз ирачките политички прашања, објави Ројтерс.

Извори во безбедносните сили велат дека конзулатот бил празен кога демонстрантите влегле внатре, а ирачкото Министерство за надворешни работи соопшти дека жали за упадот.

Втората група демонстранти упадна во фабриката за преработка на вода на нафтеното поле „Западна Курна 2“ на „Лукоил“ и зедоа двајца Ирачани како заложници. Нафтеното поле на „Лукоил“ се наоѓа на 65 километри северозападно од Басра, каде што неколку денови се слушаат  детонации.

Непознати напаѓачи утрово истрелаа три ракети врз аеродромот во Басра, но нема извештаи дека во нападот има жртви. Не е прекинат воздушниот сообраќај, а  засега никој не презеде одговорност за нападо

Најмалку 12 демонстранти се убиени од почетокот на протестите во понеделникот.