Запленета марихуана вредна околу 40 илјади евра

Царинската управа во изминатите два дена  на граничниот премин Табановце на излез од државата во два одвоени случаи заплени 25 килограми марихуана, во вредност од околу 40 илјади евра.

На граничниот премин Табановце, вчера за излез од земјава се пријавил автомобил со албански регистерски таблички, управувано од албански државјанин. Во возилото, кое не било во негова сопственост, патувале неговата вереница и нејзината мајка, исто така албански државјани.

Откако возилото е селектирано за контрола, царинските инспектори од Одделението за оперативни работи – мобилни тимови, во предната десна врата под тапацирот забележале едно пакување облепено со проѕирен селотејп наполнето со непозната зеленкаста материја со  карактеристичен мирис.

При извршена  контрола на целото возило, во сите четири врати во фабричките шуплини и во специјално направени бункери на предниот и задниот браник  пронајдени се вкупно 30 пакувања сите облепени со проѕирна селотејп трака и проѕирен целофан кеси  со  тежина од околу 23 килограми. Веднаш по ова, случајот е предаден на инспектори од Одделението за истраги. Вредноста на наркотичната дрога на накро пазарот во западно европските земји може да достиге и до  40.000 евра.

Во текот на спроведената предистражна постапка утврдено е дека пред 2-3 дена осомничениот добил понуда  од неколку лица албански државјани за сума од 3000 евра да пренесе 5 кгр. марихуана, и истата ја прифатил поради лошата финансиска состојба во која се наоѓал. Марихуаната требало да ја пренесе до Милано – Италија. Утрото на критичниот ден, осомничениот  го зел однапред подготвеното возило и заедно со неговата вереница и нејзината мајка, од Скадар тргнале преку Косово кон Италија.

Исто така, еден ден претходно, на деветти овој месец, на истиот граничен премин (Табановце) во автобус со македонски регистарски таблички кој патувал на релацијата Струга – Берн,  во внатрешниот дел од автобусот во просторот наменет за личниот багаж, царинските службеници открија околу два килограми марихуана. Дрогата е откриена во две најлонски кеси во кои биле ставени четири кутии од чајни колачи, така што од кутиите внимателно се извадени колачите и на нивно место е ставена дрогата, по што кутиите се затворени со оригиналната амбалажа. На прашањето на царинските службеници чии се најлонските кеси во кои била скриена дрогата, никој од патниците не се пријавил.

По спроведените предистражни мерки за откривање на сторителите, царинските инспектори од Одделението за истраги утврдија дека лицето С.А. (26) од селото Студеничани ја купил марихуаната пред 10-тина дена и истата ја спакувал во четири кутии од колачи, со намера дрогата да ја прошверцува во Австрија. На осми април С.А. се сретнал со Ф.А. (17) и И.А. (23) од истото село, со кои се договорил тие на 09.04.2014 година да му ја донесат дрогата на меѓуградска автобуската станица во Скопје, од каде тргнал на пат за Австрија.

Лицето С.А. е лишено од слобода и е предадено во Основниот суд Скопје I Скопје, каде му е определена мерка притвор во траење од 30 дена, додека осомничените со иницијали Ф.А. и И.А. се во бегство и се недостапни на органите на прогонот, а инспекторите од Одделението за истраги ги превземаат сите мерки и активности за нивно пронаоѓање.

И во двата случаи, Царинската управа против осомничените поднесе кривична пријава против сторителотите, за сторено кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“ до надлежното Основно јавно обвинителство.