Запленети мобилни во „Идризово“, но не и од Командант Малишева

148

Управата за извршување на санкции демантира дека специјалци влегле во павилјонот во затворот „Идризово“ каде се сместени терористите осудени за „Диво Насеље“ за да го отстранат знамето на Албанија, како што тврди Косовецот Мухамед Красниќи, алијас Командант Малишева.

Тој на Фејсбук порача дека ќе има крв до гуша ако се обидат повторно да им го земат знамето. Од Управата тврдат дека завчера имало претрес во затворот и дека одзеле шест мобилни телефони.
Сепак, на Малишева не му бил одземен мобилниот телефон, или во меѓувреме набавил нов бидејќи беше активен на својот профил во моментов кога стигна соопштението од Министерството за правда.

На 29.10.2018 година, околу 22 часот, по наредба на Директорот на КПУ Идризово беше извршен претрес спроведен од страна на затворските службеници. Претресот следеше откако беше утврдено дека осудените нелегално поседувале мобилни телефони во затворот, и ниту една друга причина не беше повод за извршениот претрес. Дел осудените лица, со цел да го спречат претресот предизвикаа пожар во една од ќелиите, додека пак други осудени лица предизвикаа намерна материјална штета при што дојде до истекување на поголема количина на вода. По завршувањето на овие настани, ситуацијата беше ставена под контрола на затворските службеници, а претресот продолжи и во сите останати ќелии. За време на претресот беа одземени вкупно шест мобилни телефони. Напоменуваме дека, осудените лица немаат право да поседуваат мобилни телефони, а од страна на затворот се обезбедува  телефон и контакт со блиските. Со оглед на високиот ризик на осудените лица сместени во ова одделение, претресот беше извршен успешно, велат од Управата.

Командант Малишева и претходно коментираше од својот профил, па побара од албанските партии да го искористат менувањето на уставот за да добијат поголеми права.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.