Започна реконструкцијата на граничниот премин Богородица

На граничниот премин Богородица беше одбележан почетокот на изведбата на градежни работи за реконструкција на управната зграда. Овој проект се реализира во рамките на Програмата за прекугранична соработка меѓу Македонија и Грција 2007-2013 од Инструментот за предпристапна помош (ИПА) финансиран од страна на Европската унија и финансиско учество на Владата на Република Македонија.

Изведбата на градежните работи на овој премин преставува дел од проектот „Развој на гранична инфраструктура меѓу Грција и Македонија – BORDER IN“ кој се реализра во партнерство со локалната самоуправа од Грција одговорна за изградба на гранични премини во овој регион.

Воспоставеното партнерство претставува придонес кон реализација на стратешките цели за конвергенција на заедничките политики во областа на подобрувањето на прекуграничниот економски развој кој меѓу другото се промовира преку мерки за: економски развој, олеснета прекугранична комуникација и промоција на одржлив туризам.

Реализацијата на овој проект претставува придонес кон олеснувањето на движењето долж Пан европскиот Коридор 10, но и придонес кон олеснувањето на прекуграничниот промет. Проектот позитивно ќе влијае врз олеснување на комуникацијата на населението од пограничните општини и пошироко, како и развој на економската соработка.

Истовремено овој проект претставува дополнение кон воведувањето на Новиот компјутеризиран транзитен систем на ЕУ во  Македонија, проект исто така поддржан од ЕУ во рамките на Програмата ИПА. Новиот систем, компатибилен со системите на ЕУ, кој ќе започне да се применува од 1 март 2014 година, преку исклучиво електронско поднесување на документи за транзит, претставува дополнително забрзување и олеснување на царинските постапки. Воведениот нов транзитен систем, преку поврзување со системите на ЕУ во текот на идната година, ќе овозможи избегнување на граничните хартиени царински формалности при стоковата размена со државите членки на ЕУ и дополнителна корист за економските оператори.

Реконструкцијата на управната зграда со придружните објекти претставува придонес кон остварувањето на стратешките приоритети на Владата, во олеснувањето на меѓународната трговија, но и кон надградба на оперативните капацитети на Царинската управа и остварување на уште подобри резултати во забрзувањето и олеснувањето на прекуграничниот промет и приоднес кон зближувањето и поврзувањето на луѓето, културите и нивното подобро разбирање.