Започнаа активностите за изградба на Коридорот 8

Започнаа работите за изградба на Коридорот 8 кај Тетово, а од денеска почнува и процесот на анализа и експропријација на земјиштето. Според „Македонија пат“, за да се заврши овој проект ќе бидат потребни четири години и седум месеци, а во него ќе бидат вклучени многу компании од земјава.

„Тука сме за да ги започнеме работите на Коридорот 8, токму во Тетово. Со потпишување на овој договор започнуваме со нов концепт на автопатишта во РСМ. За 10 години повеќе нема да се градат автопати, но овие 110 километри автопат ќе ги изградиме за четири години и седум месеци. Четири многу важни активности за изградба на Коридорот 8 почнуваат денеска. Започнува истражување на составот на земјиштето, експропријација, проектирање и мобилизација на сите фирми за изградба на автопатот“, рече Ејуп Рустеми- директор на ЈПДП.

Во јавноста имаше бројни критики за надзорот и за криењето на договорот со конзорциумот „Бехтел и Енка“. Запрашан, зошто инсистира овој договор да не биде објавен, вицепремиерот Груби одговори:

„Согласно потпишаниот договор има клаузула за доверливост и да се достави до соодветните институции треба да има договор меѓу двете страни и од Владата и од конзорциумот „Бехтел и Енка“. Ни доставија редактирана верзија и истата е доставена до Антикорупциска. Она што е редактирано се тајните на компанијата што ги има секоја компанија. Јавното обвинителство ја има целосната верзија“, рече Груби.

Првата фаза од работите главно се однесува на мерења на стабилноста и составот на почвата, а паралелно ќе се врши и експропријација на земјиштето.