Започнува книжевниот фестивал „Друга приказна“

Започнува тридневниот книжевен фестивал „Друга приказна“ кој во Скопје ќе претстави околу 40 гости од регионот и од земјата.

Фестивалот во 18 часот во Сули ан ќе го отвори белградскиот трансдисциплинарен уметник Урош Крчадинац со претставување на два свои сјајни проекти: изложбата „Бантустански мапи“ и предавањето „Дигитална поетика“.

– Рачно илустрираните мапи од патописниот роман „Бантустан“ на Крчадинац претставуваат сложени таписерии од пиктограми, идеограми, различни писма, грбови, лавиринти, тајни пораки и скриени симболи. Како патописен роман и рачно илустриран атлас, интимна исповед и збирка животни приказни, „Бантусан“ е приказна за поделбите, изолацијата, контактот и замислувањето на новата картографија на човековите односи на заедничката планета, наведува тимот на Фестивалот.

Предавањето „Дигитална поетика“, додаваат, е базирано на двете сестрински книги на Крчадинац, „Тактилна поезија“ и „Оптимизирана поезија“, воедно дигитално-книжевен уметнички проект. Тие ги опишуваат новите поетски пракси за производство на текст во време на масовен надзор, вештачка интелигенција и дигитална комодификација.

Централниот дел од вечерта ќе биде настанот посветен на угледната писателка Дубравка Угрешиќ, која е и лауретка на овогодишното издание на „Друга приказна“. Во видео-разговор кој ќе го води Румена Бужаровска, таа ќе зборува за своето творештво и општествен ангажман. За вонредните остварувања на Угрешиќ во експерименталната проза свои излагања ќе имаат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка).

Воедно, како што соопшти тимот на Фестивалот, ќе бидат промовирани две нови македонски изданија на Угрешиќ – нејзината најнова книга „Нарилник за вештерки“ и нејзиниот роман, „Штефица Цвек во челустите на животот“. Книгите се во коиздание на Темплум, Контрапункт и МАМА Загреб. Првата фестивалска вечер ќе биде затворена со мал концерт на Димитра.

Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони.

– Четириесетината учесници од регионот и од нашата земја ќе се обидат да ги лоцираат современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараат за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираат интригантни интердисциплинарни проекти кои го шират полето на културата. „Новата писменост“, во контекстот на „Друга приказна“, меѓу другото значи и борба за поинакво, „поалтернативно“ разбирање на книжевноста, кое истовремено е пошироко, посинтетичко, и кое уште идеалистички веерува во моќта на книжевноста да ги менува човекот и светот, се вели во соопштението.

Фестивалот „Друга приказна“ е поддржан од ТРАДУКИ и од Министерството за култура.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.