Започнува решавачката фаза од тестирањата на вакцината на Covid-19

Американските фармацевтски компании „Moderna“ и „Pfizer“ објавија во понеделникот дека ја започнуваат третата фаза од тестирањата на вакцината за новиот коронавирус на по 30.000 учесници, што би можело да овозможи добивање одобрение од регулаторното тело и широка употреба до крајот на оваа година.

Станува збор за првите истражувања на доцната фаза на експериментот кои добија поддршка од администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп со цел да се забрза развојот на мерките за сузбивање на коронавирусот, што ги зајакнува надежите дека ефикасната вакцина ќе ја запре пандемијата.

Двата кандидата за вакцина се потпираат на нова технологија која овозможува побрз развој и производство отколку традиционалните методи за произведување вакцини, но немаат долг период на следење. Таканаречаната mRNA вакцина „го учи“ имунолошкиот систем да го препознава и неутрализира коронавирусот со имитирање на неговата површина.

Команијата „Moderna“ од американската влада, со дополнителните средства најавени минатата седмица, доби речиси милијарда долари за развој на вакцината. Компанијата „Pfizer“, пак, со американската влада потпиша договор од околу две милијарди долари за продажба на вакцината во дози за 50 милиони луѓе, доколку се покаже ефикасна.

Во моментов во различни фази на развој се наоѓаат повеќе до 150 потенцијални вакцини за коронавирусот, од кои дваесетина веќе минуваат низ клинички тестирања врз луѓе.

Директорот на американскиот Национален здравствен институт (NIH) изјави дека „Moderna“, откако и доколку се покаже дека вакцината безбедна и ефикасна, би можела да има подготвени десетици милиони дози. Од „Pfizer“, пак, соопштија дека доколку тестирањето биде успешно, би можеле веќе во октомври да побараат одобрување од регулаторот, и до крајот на годината да испорачаат вакцини за 50 милиони луѓе.

„Pfizer“ планира до крајот на 2021 година да произведе околу 1,3 милијарди вакцини, додека „Moderna“, според нејзиниот извршен директор Стивен Бансел, цели на производство на 500.000 до милијарда дози годишно, започнувајќи од 2021 година.

Ентони Фаучи, водечкиот американски стручњак за заразни болести, изјави дека резултатите од тестирањата во „Moderna“ се можни дури и пред ноември.