Започнува колективниот одмор за судовите, до 15 август судниците ќе работат само за итни предмети

Од денеска официјално започнува судската ферија, но не и целосно за скопскиот кривичен суд кој во овој период ќе работи, но со намален обем на работа. Во судница ќе работат судиите само на итни и притворски предмети.

И покрај ова изминативе неколку месеци голем број од судењата по предметите на СЈО беа одложени. Статистиката на Коалицијата сите за правично судење, покажува дека се половина одржани, а половина откажани рочишта од сите закажани, а во јуни се одржале 17, а се одложиле 10 рочишта. Иако во истиот период се закочија преговорите помеѓу власта и опозицијата околу идниот статус на СЈО, од Коалицијата не гледаат поврзаност со одложувањето. Но, рекордот во одложување го држи случајот Талир, кој се однесува на незаконското финансирање на ВМРО ДПМНЕ.

Ставот на Коалицијата околу идниот статус на СЈО е дека треба да се реши што поскоро и тоа во рамки на постоечките закони.

Инаку од останатите случаи на СЈО, во октомври застарува делото за екс премиерот Никола Груевски во предметот „Траекторија“ за кинеските автопати за кој ново рочиште е закажано во септември.