Заразен трговски патник, стави во карантин три милиони луѓе во Кина

Речиси три милиони луѓе се ставени под карантин во Кина по зголемен број случаи на коронавирус поврзани со трговски патник во североисточниот дел на државата.

Додека Кина во голема мера го стави вирусот под контрола, наглиот пораст на случаите во изминатите неколку недели предизвика нови заклучувања, ограничувања за патувања и повеќе рунди масовно тестирање.

Според западни медиуми, од денска во карантин се три милиони жители на два града во североисточната провинција Џилин под нови мерки, бидејќи властите во Кина пријавија 109 нови инфекции.

На повеќе од 19 милиони луѓе низ североистокот на Кина сега им е забрането да ги напуштаат своите домови, а во некои случаи можат да аплицираат само за дозвола да одат по намирници еднаш на три дена.

Властите пронајдоа над сто заразени во провинцијата Џилин поврзани со асимптоматскиот трговски патник од соседниот Хеилонгјанг, каде минатата недела властите прогласија вонредна состојба.

Тој патувал во два различни града, според локалните власти.

Ограничувањата беа проширени и низ другите области на североистокот на Кина за време на викендот, вклучително и во една област во Харбин, во моментов домаќин на популарен фестивал на скулптури од мраз.

Но, локалните власти делумно ги укинаа блокадите во два града во провинцијата Хебеи близу Пекинг – каде имаше најголем дел од случаите во последните неколку недели – иако на околу 12,5 милиони се уште им е кажано да останат дома.

Над 20.000 жители на села во областа се во карантин, објавија државните медиуми минатата недела.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.