Зариф му возврати на Трамп дека САД не можат да го поразат Иран

Вашингтон не поседува способност да го уништи Иран без употреба на забрането оружје, а изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со тоа дека војната со оваа земја би „траела кусо“ и би предизвикала „уништување“, претставува кршење на меѓународното право, смета иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф.

Во разговорот за американската телевизија CNN во средата, шефот на иранската дипломатија беше запрашан да ја коментира изјавата на американскиот претседател дека Вашингтон е подготвен да му зададе на Иран моќен одговор, дури до уништување на земјата.

„Оваа изјава сугерира дека американските намери се несомнено нелегални. САД не се во позиција да го уништат Иран, немаат такви способности, освен ако не сметаат на примена на забрането оружје за таа цел. Иранците се подготвени да се бранат од секоја агресивна акција, но ние не се стремиме кон војна. Ние не бараме конфронтација“, рече Зариф.

„Акциите коишто ги преземаа САД во текот на последните неколку седмици, беа конфронтациски и провокативни, особено, наметнувањето на санкциите врз иранското раководство. Тоа претставува дополнителна навреда за целиот ирански народ од страна на САД“, додаде иранскиот министер за надворешни работи.

Зариф, говореше за твитот на Трамп во кој американскиот челник предупреди дека САД ќе одговорат со сила „до уништување“, во случај на напад врз „што и да е американско“.

„Исто така, верувам дека претеседателот САД би требало да памети, дека не живееме во XVIII век, дека постои Повелбата на Обединетите нации, и оти заканата со употреба на сила е нелегална“, додаде Зариф.