Жарко Костиќ: Потребна е храброст, но овој универзум ги сака и ги наградува храбрите луѓе!

Интервју со д-р Жарко Костиќ, мотивациски говорник

Иако завршил медицина, умствените и духовните закони повеќе го привлекувале како дејност, д-р Жарко Костиќ, мотивациски говорник и тренер за личен развој. На пошироката јавност ѝ е познат и како домаќин на ТВ-магазинот „Откриени тајни“.

Костиќ години наназад успева да им помогне на другите да се чувствуваат психички подобро, помотивирано и посреќно, а, како што и самиот вели, тоа многу влијае и на нивното телесно ниво. Живеел неколку години во САД каде што мотивацијата и работата со умот и духот е нешто на кое се полага многу внимание. На едно мотивациско предавање на кое присуствувал додека бил таму одлучил дека сака да го прави токму тоа- да ги мотивира луѓето да го сменат својот живот на подобро. Тој верува во тоа дека никогаш не е доцна да се направат позитивни промени во својот живот. Потребна е храброст, но овој универзум ги сака и ги наградува храбрите луѓе!

Како и зошто се одлучивте да го работите баш ова, мотивационен говорник, психотерапевт, личен тренер, а не да работите како доктор?

Ние сме духовни битија, центар на свесност. Нешто што не е физичко но што има потенцијал да твори и да креира. Ние сме самиот живот. Во овој материјален универзум се повеќе сме во трка по материјалното. Бидејќи толку многу даваме акцент на материјалното а не на духовното почнуваме да  мислиме дека сме тело, но не сме. Ние сме битија кои имаат ум и тело. Медицината ги дава законите на телото, како тоа тело функционира. Самото тело е создадено од енергија или можеме да кажеме енергија која е кондензирана во материја. Медицината го открива законите на овој тип на енергија, но јас секогаш се интересирав и за оној малку поразличен тип на енергија -нашиот ум. Воден од податокот кој го прочитав во медицинските книги а тоа е дека најголем број на болестите се психосоматски ( психа=ум или душа, сома=тело) болести кои умот или душата го прават на телото, се заинтересирав за законите кои не дефинираат нас како битија и нашиот ум. Мислам дека за тоа помалку знаеме но мислам дека за  тоа треба највеќе да се интересираме.  Што е стресот? Како се создаваат негативните мисли? Од каде ни доаѓаат ирационалните стравоти, зошто правиме работи кои знаеме дека не се најдобри…Мојата цел е да пренесам знаење на луѓето за овие работи бидејќи мислам дека тоа знаење е најважно за да водиме живот без стрес, живот исполнет со цели, радост и спокојство.

Која е разликата меѓу третманите,сеансите кај вас и сеансите кај психолозите, за каков третман би требало да се одлучат?

  Да, јас не сум психијатар ниту сум психолог. Работам како мотивациски тренер со луѓе кои сакаат повеќе од животот. Работам со луѓе кои се спремни да направат позитивна промена во својот живот. Работам со бизнисмени, спортисти, студенти, луѓе од сите сфери на животот, повозрасни и помлади. Луѓето со кои работам не се мои пациенти туку клиенти кои сакаат да го подобрат својот живот. Фактички човекот кој може сам да увиди дека може да се подобри е многу способен човек.   Сите имаме проблеми со кои се соочуваме и кои не прават помалку среќни. Обично прво сакам да се запознаам лично со луѓето за да видам дали воопшто можам да им помогнам за нивниот проблем кој го имаат. Доколку утврдам дека можам, тогаш правиме распоред  да се видиме неколку пати во неделата на отприлика еден час. Најчесто ни се потребни некој десетина часа за да разрешиме некој проблем со кој се соочуваат. Станува збор за едукација и обука. Баш како да одите на некој мотивациски семинар, но во овој случај работиме еден на еден.

Дали се сложувате дека се повеќе се зголемува бројот на мотивациони говорници и дека мотивационите тренери се појавуваат на тло каде имаме изгубени души, несигурни луѓе, изгубени вредности?

 Мислам дека со развој на технологијата и интернетот сега сите мотивациски настани или мотивациски говорници ни се полесно достапни. Секако како и на другите мотиватори и моите мотивациски емисии се наоѓаат на интернет, конкретно Dr. Zarko Kostik you tube каналот. Мотивациски говорници мислам дека има на сите тла. Треба да има што повеќе луѓе кои сакаат да инспирираат на подобро. Лесно е да се мотивираат луѓето на деструкција, тешко е да се мотивираат луѓето на нешто конструктивно. Точно е дека луѓето почнуваат да се занимаваат со ова како професија повеќе сега отколку порано. Но и порано имало многу мотивациски книги и писатели, тогаш немаше интернет и беше потешко да се дојде до таква содржина. Се сложувам дека имаме ерозија на етиката и моралот, можеби поради тоа и потребата од мотивациските говорници е се поголема. Овие работи кои можат да се научат за животот и постоењето од некој мотивациски тренер или тренер за личен развој обично не се учат на училиште. Секој сака да постигне повеќе во животот тоа не тера да бараме помош.

Кои луѓе доаѓаат кај вас, со кого најчесто работите?

Веќе споменав погоре, но би рекол луѓе кои се спремни за позитивна промена во животот. Некогаш мислиме дека се е во ред и сакаме да си се излажеме дека ни оди добро иако знаеме дека не е баш така. Храброст е да се соочиме со самите себеси бидејќи ако животот не ни е баш најдобар тоа е показател дека правиме нешто погрешно и дека не знаеме баш се. Работите не се менуваат со чекање, туку со акција. Акцијата бара храброст да се направи првиот чекор. Чекањето е само знак дека се плашиме да се соочиме.

Живееме во општество во кое секојдневно сме изложени на негативни информации, како полесно да се справиме со нив, бидејќи знаеме дека се поретко можеме да ги избегнеме.

Луѓето имаат различна емоција. Некој се повисоко со емоциите а некој пониско. Некој кој е на страв или загриженост или е скриен наш непријател ( непријател кој ни прави лице кога е со нас и се преправа дека ни е пријател но зборува негативно за нас позади грб) ќе сака да слушне негативни информации. Колку пати ќе видиме дека кога ни станува досадно во животот одиме во таа негативна насока. Луѓето сакаат проблеми а оние кои немаат свои цели и свој живот се занимаваат со животот и проблемите на другите. Но тоа е до емоцијата која луѓето ја имаат. Секој си одбира да слушне она што го сака според неговиот емоционален тон. Луѓе кои се  лути сакаат да зборувваат и да слушаат за дестрикција. Оние кои се на скриено непријателство сакаат сплетки и озборување, уживаат во туѓа критика и омаловажување. Оние кои се високо со емоциите се тргаат од тоа и не му даваат внимание, тие сакаат конструктивни идеи и не уживаат во негативни разговори. Но тоа ни кажува и какво друштво треба да одбереме.  Можеби сме повисоко со емоциите но кога се вкллопуваме во друштво кое сака да озборува тогаш и ние стануваме такви. Лесно е таа негативна енергија да не повлече. Да одговорам на прашањето како да се справиме со негативните информации…мораме да одбереме позитивно опкружување. Лесно е да се отргнете од негативното, променете го друштвото, ТВ каналот или немојте да читате негативни информации на интернет. Ние им даваме моќ на негативните работи со тоа што им даваме внимание или со тоа што мислиме дека мораме да бидеме во нечие друштво за да бидеме популарни, да бидеме сакани и прифатени.  Подобро да сме сами отколку во опкружување кое ни смета.

Токму тој секојдневен стрес го пренесуваме и врз децата и семејството, многу често не им обрнуваме доволно внимание, па затоа и тие од мали нозе се под стрес. Што е пожелно да правиме, за да бидеме порелаксирани, за себе си, па и за домашните?

Умот на човекот е како камера, постојано снима записи, но умот не можеме да го исклучиме да не снима слики како што можеме да ја исклучиме камерата.  Во тие слики е снимено се што се случува околу нас вклучувајќи ја нашата емоција и емоцијата на околината. Што се случува доколку сме лути и нервозни? Таа нервоза или емоција ја пренесуваме на околината. Дали некогаш сте биле со човек кој е срамежлив? И вас набрзо ве облива срам, но тоа не е ваша емоција туку негова. Исто е и со стравот или лутината или огорченоста, туѓата емоција набрзо станува и наша. Можеби сте ентузијастичен човек но живеете со друг човек кој е на досада, набрзо ќе паднете на досада. Доколку сте со човек кој постојано е во страв и загрижен и вие ќе почнете да го мислите истото после некое време. Една од работите кои ги работам со луѓето е како да не паднат во пониските емоции на луѓето околу нив туку емоционално да ги кренат луѓето од своето опкружување. Но сите овие работи се толку испреплетени. Ќе се изнервирате за нешто на работа и нервозни дома ќе се развикате на вашето дете и тоа сега ја снима во својот ум таа ваша нервоза, и колку често се случува да децата кога ќе пораснат ги кажуваат во афектна состојба точно оние зборови кои и нивните родители ги зборувале. Со други зборови влегуваме во туѓи идентитети поради тоа што нашиот ум постојано снима се што се случува околу нас. Самиот овој податок веројатно е доволен за да ја зголеми одговорноста за тоа како се однесуваме барем кон децата, но не е лесно да се контролираат емоциите, на тоа се работи, за тоа се и моите консултации. Друго што треба да се знае за стресот е дека тој најчесто доаѓа баш од негативните луѓе. Лесно е да се одбегнат истите доколку ни се пријатели или познаници, потешко е доколку ни се во фамилијата. Но има начин како да се комуницира на убав начин и со нив, за да не влијаат негативно на нас, но треба да се знае како, и тоа е нешто на кое работам секојдневно со луѓето.

Во денешно време ретко кој ќе ни одговори дека е среќен, дали заборавивме што е среќата, не ја гледаме или сме станале премногу апатични, кое е вашето мислење?

Ние сме креативни битија, креираме преку нашите цели. Нашите цели го прават нашиот универзум. Ние сме среќни кога имаме наш универзум, со други зборови кога имаме цели на кои што работиме за да ги постигнеме. Апатичноста е само откажување од целите, од иднината. Имањето на цели е веќе духовна работа. Ако го поврземе се она кое што веќе го спомнав погоре, негативните луѓе  на „ убав и логичен начин“ со скриени критики и не одобрување, или со директна критика ни го уништуваат тој универзум. Дури и да сме само со луѓе кои самите не работат на креирање на својот универзум и се без своја цел, веќе сме под негативно влијание. Мораме да имаме нешто конкретно што треба да го сработиме секој ден. Ние имаме огромен потенцијал како битија. Ајнштајн рекол дека користиме само 10% од својот потенцијал. Доколку не го користиме нашиот потенцијал тогаш сме апатични и тажни, а во најдобра рака ни е досадно. Целите не тераат да искочиме од зоната на удобност, не тераат да превземеме ризици, не тераат да сме храбри. Во играта на животот имаме и победи и порази, но луѓе кои се плашат од пораз никогаш нема да го дознаат својот потенцијал бидејќи за да победиш мора да си волен и да загубиш, за да бидеш сакан мора да си волен и некој да те мрази, да си среќен мора да си волен и да почувствуваш разочарување  но доколку не тргнеме да живееме нема да сме среќни. Животот е ризик а најголем ризик е да не се живее. Тој е така скроен, за да почувствуваш добро не смееш да се плашиш да се соочиш и со лошото а лошотот престанува да е лошо само кога сме волни целосно да се соочиме со него. Животот не става на искушенија, во него победуваат оние кои се храбри да искусат и по некој пораз.

Секое утро се будиме преморени, сме спиеле, ама како да не сме спиеле, тој замор трае во текот на денот, едвај чекаме да дојдеме дома, да легнеме и овој циклус постојано се повторува. Преминува во монотонија, во незаинтересираност за дружба итн. Во вашите мотивациски говори многу често се навраќате на оваа состојба, што би не посоветувале

Тоа е многу поврзано повторно со целите. Велат дека нема по несреќен човек од оној кој ги постигнал сите цели во животот. Мотивацијата е поврзана со она кое сакаме да го постигнеме. Некогаш играта која сме ја играле ни е веќе здосадена. Ја имаме работата, ја имаме девојката која ја сакаме, го земаме животот здраво за готово.  Не е важен кислородот кој веќе сме го вдишале и издишале туку оној кој треба допрва да го вдишеме. Така е и со целите. Треба да ги“издишеме“ минатите успеси и да се насочиме кон нови. Животот станува рутина кога немаме нешто кое што не мотивира. Ново патување, нов курс, семинар, куќа која сакаме да ја купиме, прослава која сакаме да ја организираме. Но не е само поставување на целите, туку има и цела наука и организација како таа цел да ја направиме реалност. Честопати во овој регион мислам на Балканот оставаме до пола завршени работи.  Како да ни е тоа во духовната ДНК. Мотивацијата исто така доаѓа од завршените работи а од тоа зависи и гордоста на еден човек.

Постојано слушаме дека луѓето на „своја рака“ стануваат зависници од лекови, најтрагично е што тоа се случува кај млади луѓе на возраст меѓу 20 и 30 години.Според податоците огромен број Балканци користат диазепам. Нивниот изговор е дека така полесно поминува денот. Според вас во што е најголемиот проблем бидејќи овој тренд е загрижувачки.

Знам дека има начини и техники кои помагаат луѓето да се ослободат од стресот, да стекнат самодоверба, сигурност и да се соочат со своите проблеми без притоа да мораат да се земаат овој тип на лекарства. Мислам  дека проблемот е немање на едукација за тоа од каде потекнува стресот, зошто немаме самодоверба и сигурност, од каде ни доаѓаат ирационалните стравови итн. Доколку луѓето имаат и ги знаат решенијата за овие проблеми мислам дека и тие не би сакале да земаат лекарства. Решенија има!

Велите ,,ако мислиш позитивно ќе гледаш можности, ако мислиш негативно ќе гледаш препреки,,  што сакате да кажете? дека не постојат препреки, дека си ги умислуваме, дека ако си позитивен, препреките ќе ги снема?

Препреки има и треба да има. Живот без препреки не е интересен. Луѓето кога немаат препреки ќе ги измислат. Колку пати сме биле сведоци на луѓе кои во недостаток на креативни проблеми и препреки почнуваат да драматизираат проблеми кои не се конструктивни. За да ја оствариме целта мораме да надминеме препреки. Проблемите се дел од равенката на живеењето. Постоиме за да решаваме проблеми. Колку е поголема целта толку се поголеми проблемите т.е препреките кои треба да ги надминеме но и толку е поголемо задоволството од нивното надминување. Впрочем видете што се случи со Вардар кој стана по втор пат европски ракометен шампион. Слушнав доста изјави кои велат дека овој успех е дури и поголем од претходниот бидејќи играчите и клубот се соочувале со поголеми проблеми од оние кои ги имале во 2017. Но кога сме позитивни тогаш бараме решенија како да ги надминеме проблемите а кога сме негативни само гледаме во проблемите т.е препреките, се жалиме и критикуваме. Тоа нема да ни помогне а ни ја одзема моќта зошто тогаш не бараме решенија.

Што кога ќе се разочараме во луѓето и во системот, во општеството?

Разочараниот човек пред и се си штети самиот на себеси. Разочараноста е убаво оправдание за тоа колку не сме успеале и колку има негативни луѓе и работи околу нас. Но дали разочараниот човек е среќен? Лесно е да се разочараш, тешко е да веруваш и да сакаш без оглед на тоа колку пати не испаднало како што мислиме дека би треба или е фер. Но човекот кој продолжува да верува, да сака, да се бори е тој кој го креира животот и кој бара решенија. За него животот се уште има сјај. Разочараноста го одзема сјајот од животот. Но сјајот зависи од нас. Кога ќе се разочараме ние помалку даваме на животот. А сјајот во животот и постоењето зависи од тоа да даваме на животот. Тука спаѓаат пријателите, нашите сопружници, општеството генерално. Што ни помага само да се жалиме и да критикуваме и да бидеме жртви. Моето решение е доколку некој ве разочара давајте повеќе на луѓето и општеството и на животот. Животот е малку алчен, сака многу да му дадеме за да ни даде и тој. Но, доколку не даваме на животот тогаш не можеме да очекуваме тој да ни врати. Тоа е како да не пратите никому електронска пошта а да чекате електронска пошта да ви дојде вам.

.Како да започнеме со промената, како да дознаеме кои се нештата што сакаме да ги правиме, како да излеземе од лавиринтот и да го видиме Сонцето и да побегнеме од мракот во општеството

Промената започнува со малку. Не мора да направиме драстични промени за почеток но доколку ги направиме тоа ќе не мотивира да направиме и поголеми промени. Мислам дека секој заслужува да си даде шанса да го запознае оној дел од себе кој е неисцрпен потенцијал полн со храброст, среќа, спокојство. Секој знае што треба и сака да прави, и тоа треба да е нешто конструктивно секако. Но се плашиме од последиците ако не успееме, што луѓето ќе кажат, што ќе зборуваат пријателите за нас. Не заборавајте дека некој луѓе кои не ги постигнале своите цели ќе се вознемират кога некој друг ќе верува и ќе делува кон својата цел. Животот е полн со набљудувачи кои обично и не прават ништо друго сем да коментираат и да ги критикуваат луѓето кои ја играат играта на животот.

Дали чуствувате одговорност за психичкото здравје на луѓето, дали секогаш успевате да им помогнете на оние кои ќе побараат помош од вас?

Голема способност е да знаете дека ви треба помош за нешто. Големо ниво на свесност е да ги видите слабостите во сопствениот карактер. Огромен број на луѓе живеат со убедување дека се супер и дека не им е потребна помош и промена.  Досега сум помогнал на многу луѓе и нема поголема среќа за мене од таа да видам дека на некого сум му помогнал. Сите постоиме за да помагаме, секој во својата сфера. На секого треба да му биде одговорност психофизичкото здравје на луѓето. Никој не опстанува сам. Правејќи ги другите среќни помагаме за нивното психофизичко здравје, но притоа треба да запомниме дека треба да бидеме и самите ние среќни за да ги направиме другите среќни.