Засадени 50 нови повеќегодишни дрвја кај Камени мост, во Ѓорче Петров и во Чаир

Екипи на Градот Скопје засадија во петокот нови дрвја на три локации, и тоа кај Камениот мост, во Ѓорче Петров и во паркот во Чаир. Засадени се над 50 висококвалитетни повеќегодишни садници кои ќе го разубават просторот и ќе придонесат за почиста и поздрава животна средина. На овие акции за зазеленување на Скопје присуствуваа градоначалникот Шилегов, градоначалниците на општините Ѓорче Петров и на Чаир, Александар Наумоски и Висар Ганиу, како и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Адриан Муча.

„Продолжуваме со пролетната акција за зазеленување на градот, овој пат на три локации. На овој потег, меѓу Камениот мост и Музејот на македонската борба, засадуваме дваесетина висококвалитетни повеќегодишни садници од видот јасен. Дрворедот кој постоеше на оваа зелена површина пред реализацијата на проектот ’Скопје 2014’ беше уништен и заменет со прескапи палми чија судбина е добро позната во јавноста. Ние земавме обврска пред граѓаните да го вратиме загубеното зеленило кое претходната власт го уништуваше каде што ќе стигнеше, додека ние се бориме за секој сантиметар слободен простор за ново зеленило“, рече градоначалникот Петре Шилегов на акцијат за засадување дрвја.

Денеска зазелени и просторот по должината на улицата „Македонска војска“, во општина Ѓорче Петров. Засаден е нов дрворед од десет повеќегодишни садници од видот јасен, за кои се очекува за кратко време да развијат широка крошна.

Третата локација е паркот во Чаир, зад стадионот, е збогатена со нов дрворед од 15 листопадни, декоративни садници од видот јапонска цреша и нови пет садници од видот јасен. Како дел од оваа акција екипи на ЈП „Паркови и зеленило“ ги отстрануваа старите стебла кои биле пресечени пред повеќе години и на нивното место засадуваа нови листопадни садници.

„По завршувањето на пролетната акција за садење нови 2.000 дрвја, Градот Скопје со активностите за засадување садници ќе продолжи наесен, кога ќе бидат засадени нови 8.000 дрвја. Со тоа, Скопје оваа година ќе добие повеќе од 10.000 нови висококвалитетни садници“, информираат скопските градски власти.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.